Општина Центар, и оваа година, финансиски им помага на младите да се стекнат со возачка дозвола. Од почетокот на годината до крајот на октомври, вкупно 149 центарци добија по 10.000 денари субвенција за обука и полагање за возачка дозвола Б-категорија.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изрази задоволство од интересот за мерката и ги повика младите кои ги исполнуваат условите да аплицираат.
– Со субвенцијата од 10.000 денари им помагаме на семејствата да ги намалат трошоците, а младите ги охрабруваме да станат одговорни и совесни возачи – истакна Герасимовски.
Право на субвенција имаат лица родени во 2006, 2007 и 2008 година.
Новина е можноста средствата да се исплатат и на трансакциска сметка на родител, а не само на сметката на барателот.
Барањата со потребните документи се поднесуваат во архивата на Општина Центар, барака број 6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.












