Општина Дојран доби нова механизација за одржување на јавните површини на подрачјето на целата општина, информираат општинските власти. Новата опрема обезбедена со поддршка од Министерството за локална самоуправа, во вкупна вредност од 4.000.000 денари, се состои од трактор, хидрауличен мулчер, мулчер со кардан, косилка, приколка и мини багер.
Според локалната самоуправа, механизацијата ќе се користи за расчистување на бујната вегетација покрај главниот пат и кејот, одржување на улиците, како и за косење и уредување на тревните површини во сите населени места.
– Оваа опрема значително ќе ја олесни работата на комуналното претпријатие и ќе овозможи зголемување на капацитетот за одржување на јавните површини на територијата на целата општина. Со оваа инвестиција вложуваме во почиста, поуредна и поубава општина, а воедно создаваме услови за подобри и поефикасни комунални услуги за сите наши сограѓани – објави градоначалникот на Општина Дојран, Илија Тентов.
Општината ќе има обврска да ја одржува механизацијата и одговорно да ја користи.












