понеделник, ноември 16, 2026
Дома РАЗНО Вајц: Македонија треба да биде предводник во преговорите за пристапување кон ЕУ,...

Вајц: Македонија треба да биде предводник во преговорите за пристапување кон ЕУ, ако се надминат блокадите од Бугарија

0
EP Plenary session - European Climate Law

Функционалното владеење на правото, доследното спроведување на законите и изборот на раководни кадри врз основа на образованието, работното искуство и квалификациите се клучни предуслови за економскиот развој и враќањето на довербата на граѓаните во институциите, оцени денеска Томас Вајц, европратеник и известувач на Европскиот парламент за Македонија. Во видеообраќањето на тематската дебата во Собранието, посветена на извештаите на Европската комисија за владеењето на правото и парламентарниот надзор, тој нагласи дека Македонија треба да биде предводник во преговорите за пристапување кон ЕУ доколку се надминат блокадите од Бугарија, за што, како што рече, треба да се вложи голем напор.

– Се надевам дека Северна Македонија ќе отпочне со преговорите, имајќи ги предвид сите реформи што се спроведени во вашата земја. Вие би требало да бидете предводници во преговорите за пристапување кон ЕУ доколку се надминат сите блокади од соседна Бугарија. И тука треба да вложиме многу напори – истакна европратеникот.

Во обраќањето Вајц истакна дека корупцијата го кочи напредокот и дека никому не му носи корист. Тој нагласи дека владеењето на правото не треба да се разгледува само во контекст на приближувањето кон Европската Унија, туку пред сè како услов за економски развој и за создавање подобри перспективи за граѓаните.

– Знаеме дека корупцијата е уназадување, еден застој, не помага никому и треба да се обидеме да ја одминеме. Но, надвор од прашањето за пристапување кон Европската Унија, за економскиот развој на земјата е важно дали владеењето на правото е функционално или не. Дали вие како претприемач, доколку доаѓате од странство како инвеститор, можете да се потпрете на владеењето на правото во вашата земја? Не само дали државата ги има законите на хартија, туку и дали тие се имплементираат. Тоа е клучно за економскиот развој и нешто што треба да им го испорачаме на нашите граѓани, пред сè како најважна работа – рече Вајц.

Тој посочи дека ова е особено важно за земја што се соочува со одлив на млади луѓе. Според него, за да се задржат младите и да им се понудат подобри можности, неопходни се квалитетни инвестиции и економски развој.

 

Како уште едно клучно прашање за владеењето на правото и функционирањето на институциите, Вајц го посочи начинот на пополнување на работните места. Тој ја нагласи потребата од избор на стручни и квалификувани кадри, без партиска пристрасност.

Тој направи споредба со Австрија, Швајцарија и Шведска, посочувајќи дека политички влијанија при пополнувањето на работните места има и во земји со високо ниво на владеење на правото.

Според Вајц, разбирливо е секоја нова влада во својот кабинет да има луѓе од политичката структура во кои има доверба. Но, при изборот на министри, директори на сектори и раководители на одделенија, клучни критериуми треба да бидат работното искуство, образованието и квалификациите на кандидатите.

– Многу е разбирливо дека секоја нова влада мора да има лица во коишто ќе има доверба, лојални лица за кабинетот коишто доаѓаат од политичката структура. Но, кога станува збор за составот на одбраните министри или директори на сектори, на одделенија, раководители, тогаш пред сè во центарот на вниманието како клучен фактор за тоа работно место треба да биде работното искуство и образованието, односно квалификациите – рече Вајц.

Тој предупреди дека и недостигот од потребните квалификации и изборот на преквалификувани кадри за одредени позиции може да го попречат ефикасното функционирање на институциите. Посочи дека ваквата појава често се забележува во регионот, но сè уште е присутна и во некои земји членки на Европската Унија.

– Тоа многу често го среќаваме во регионот, па дури и во некои од земјите членки на ЕУ сè уште се забележува оваа појава. Треба да разгледаме, ние како претставници на државата, без разлика дали сме во парламентот или во владата, дека треба повторно да ја изградиме довербата на граѓаните во нас. Ова е клучниот темел на демократскиот систем – довербата на граѓаните и можноста на државата да го испорача сето ова во нивно име – истакна Вајц.

Тој посочи дека е клучно институциите да имаат капацитет, овластувања и соодветни ресурси за да ги спроведуваат законите, но и да бидат ослободени од политички влијанија. Нагласи дека, покрај законските реформи, неопходни се обучен кадар, финансиски средства и независни механизми за контрола и отчетност. Како важни показатели за функционирањето на демократијата ги посочи довербата на граѓаните во правосудниот систем и еднаквоста на сите пред законот, без оглед на нивниот општествен или материјален статус.

ИЗДВОЕНИ