Годинашното прво издание на фестивалот „Битолски чалгиски денови“, кое ќе се одржи од 14 до 16 август, во организација на Културно-информативниот центар (КИЦ), а во рамките на битолското културно лето „Битфест“, го претставува идејниот концепт, кој означува патување низ времето, инспирирано токму од боемскиот живот и од музичката традиција, кои со децении претставуваат препознатлив дел од идентитетот на Битола. Целта на овој настан е да оживеат автентичната атмосфера и духот на Старата чаршија

 

Оваа година, чалгијата на посебен начин ќе ја заживее Битола, а особено Старата битолска чаршија. Долгогодишната чалгиска традиција, која зазема истакнато место во Битола уште од крајот на минатиот век, добива своја манифестација.

Оригиналните песни, инструменти и препознатливиот звук, кои значеле многу за Битола и за битолските боеми, и денес оставаат силен печат во секојдневието на градот.

Во организација на Културно-информативниот центар (КИЦ), а во рамките на битолското културно лето „Битфест“, од 14 до 16 август ќе се одржат „Битолски чалгиски денови“, првиот фестивал во градот посветен на оваа специфична музичка форма.

Годинашното прво издание на фестивалот „Битолски чалгиски денови“ го претставува идејниот концепт, кој означува патување низ времето, инспирирано токму од боемскиот живот и од музичката традиција, кои со децении претставуваат препознатлив дел од идентитетот на Битола.

Целта на овој настан е да оживеат автентичната атмосфера и духот на Старата чаршија.

Во текот на фестивалот, Старата битолска чаршија ќе се претвори во вистинска жива сцена на старото битолско боемско живеење. Вечерната програма ќе биде резервирана за концертни настапи на главната сцена, додека во текот на денот, во Чаршијата ќе се движат седум пајтони со мали чалгиски состави. Ќе настапат десетина чалгиски оркестри на повеќе локации, исполнувајќи го просторот со автентични звуци.

Свеченото отворање ќе биде означено со впечатливо дефиле, кое ќе тргне од Офицерскиот дом (КИЦ) и ќе се движи кон Чаршијата. Во дефилето ќе учествуваат седум пајтони со музичари и околу сто статисти облечени во староградски носии, создавајќи впечатлива реконструкција на некогашниот градски амбиент. Како дел од фестивалската понуда, во централниот дел на Чаршијата, кај Монмартар, ќе има угостителски простор со неколку традиционални кафеани.

Музичкиот врв на фестивалот се очекува да биде на 15 август, кога публиката ќе има можност да го проследи концертот на Оливер Јосифовски и неговите пријатели. На овој настан ќе биде официјално промовиран новиот албум „Песни од Офицерски“, дело што директно ја продолжува оваа музичка традиција. Претходниот ден, на 14 август, на главната сцена ќе настапи Битолскиот чалгиски оркестар.

Завршницата на фестивалот ќе биде на 16 август, кога во утринските часови, на Тумбе Кафе, ќе се одржи последниот концерт „На кафе со чалгиите“, со што ќе биде заокружено ова уникатно културно искуство.

– Првиот фестивал „Битолски чалгиски денови“ претставува значајна можност за вреднување и за промоција на ова музичко богатство, укажувајќи на посветеноста на локалните институции кон зачувувањето и промоцијата на културното наследство во рамките на „Битолско културно лето“ – велат организаторите.

Тие додаваат дека „Битфест“, со уште еден посебен настан посветен на чалгијата, потврдува дека соодветствува неговиот визуелен идентитет со културата, историјата и со музичкото богатство на градот.

– Долгогодишната чалгиска традиција, која зазема истакнато место во Битола уште од крајот на минатиот век, оваа година добива своја манифестација. Оригиналните песни, инструментите и препознатливиот звук, кои значеле многу за Битола и за битолските боеми, и денес оставаат силен печат во секојдневието на градот – наведуваат организаторите.

Чалгиската музика во Битола потекнува од богатата градска музичка традиција, која со векови комуницирала со големите светски музички центри.

Влијанијата од Истанбул, Солун, Дамаск, како и од Виена и Париз, го обликувале она што го знаеме денес како чалгиски звук. Слично на модата од тоа време, и музиката се делела на ала турка“ и ала франга.

За Битола и за битолските боеми, оваа музика со своите оригинални песни и инструменти значела премногу, што е потврдено и од бројните преданија и легендарни музички имиња што оставиле неизбришлива трага во културното наследство на градот.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ