На продолжението од судењето во кои се обвинети 13 полициски службеници се случи пресврт – процесот почна од почеток бидејќи двајца од поротниците од приватни причини не можат да учествуваат во процесот. Поради промената на Советот, постапката почна одново. Судењето продолжи со слушувањето на сведоците на Обвинителството.
Преживеано момче во прва година факултет опиша што се случувало во ужасните моменти кога пожарот предизвикал паника:
– Надвор го најдов другарот Филип, на кој му беше повредено коленото. Го однесов во болница и се вратив во дискотеката. Имаше многу народ и лежеа, јас бев збунет и не знаев што да правам. Потоа дојдоа и пожарникари да гаснат. Јас и мојот другар Бојан влеговме во дискотеката во тоалетот, таму го извадивме другарот Давид. Надвор пробавме да го качиме во кола. Имаше еден од полицајците, не знам кој, го прашав да ми помогне да го качиме во кола, тој ми кажа дека „тоа не е негова работа“, изјави сведокот.
Момчето рече дека кога влегол во дискотеката, на влезот имало еден полицаец и дека другарите му рекле дека прават некоја проверка. Прашан дали го видел полицаецот внатре и дали бил во униформа, сведокот рече дека не се сеќава, но мисли дека бил во цивилка.
-Не го видов така. Кога влегов, моите другари ми рекоа дека има во цивилка, и го погледнав – изјави сведокот. Прашан дали надвор забележал и други полициски службеници, сведокот рече дека имало да, “секаде и на кружниот тек подоле од Пулс”.
Друг сведок, студентка која, исто така била во дискотеката кобната ноќ на 16 март, објасни пред Судот како избувнал пожарот и дека ја спасиле пожарникари.
-Кога излегов надвор почнав да го барам татко ми и да викам. Викав силно и хистерично. Кога продолжив да викам, еден од униформираните лица ми рече ако продолжам да викам дека ќе бидам приведена – изјави сведокот.
Според одбраната, во текот на целата судска постапка се покажало дека предлаганите сведоци од страна на обвинителството не се концизни ниту јасни во своите искази и не ги поткрепуваат наводите од обвинителниот акт. Судењето продолжува на 13 октомври со нови сведоци.
Тринаесеттемина полициски службеници – Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, Марија Маневска, Томе Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлум Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Маријан Радевски – повторно останаа на ставот дека не се виновни. Тие се обвинети за тешки дела против општата сигурност во врска со пожарот во „Пулс“. Според обвинението, полицајците кои биле дежурни биле ангажирани и во дискотеката, но не ја прекинале забавата и не спречиле користење пиротехника. (П. А.)












