„Срцевина“ е насловен големиот концерт кој денес го најави легендарната македонска рок група „Архангел“, а ќе се одржи на 13 јуни на Стадионот на АРМ во Скопје.
На концертот „Срцевина“ Архангел ќе ги изведе песните што со години се дел од колективната меморија на неколку генерации, но и нови композиции што го најавуваат претстојниот албум.
На денешната прес-конференција беше премиерно прикажан и новиот видеоспот за синглот „Дни оловни“, песна што го најавува претстојниот албум на Архангел и означува враќање на бендот со нов авторски материјал, по повеќе од две децении од последното дискографско издание.
За фронтменот и автор на „Архангел“, Ристо Вртев „Срцевина“ не е само концерт, туку можност да се сумираат повеќе од четири децении авторска работа и истовремено да се отвори простор за нови песни и нова комуникација со публиката.
-За мене „Архангел“ е она што го чувствувам да го претворам во песна и тоа да биде автентично, да не личи на нешто постоечко, автентично во смисла на некои атмосфери, зашто низ разни премрежја се менува и емотивниот набој во песните, како кај народниот творец. Ова не е квалификувана музика, ова си ти самиот, нешто што сам си го задаваш, немаш канон. Јас правам песни, авторска музика, ова мене ми се допаѓа заради енергијата. Автентични автори кои се прифаќаат или не, тоа е клучот, објасни Вртев и додаде дека аматерски се занимава со културна политкка како и сите останати што се заинтерсирани да ни опстои културата во добра форма.
„Дни оловни“, според Вртев, пак, е песна која природно го поврзува почетокот на неговиот авторски пат со сегашниот момент.
За авторот на видеоспотот „Дни оловни“, Иво Антов, станува збор за дело кое ја следи емоционалната и поетска структура на песната, притоа задржувајќи современ визуелен израз.
Цвета Спасова, извршна директора на Adriatica Records и организатор на концертот, нагласи дека концертот „Срцевина“, снимањето на концертниот материјал и подготовката на новиот албум претставуваат дел од поширок проект што се реализира под капата на оваа дискографска куќа, а со цел достојно да се одбележи новата фаза во кариерата на Архангел.
Во своето видео-обраќање, Васил Хаџиманов изрази задоволство што ќе биде дел од концертот и што ќе настапи со својот бенд како специјален гостин на „Срцевина“.
„Голема чест ми е што со мојот бенд ќе бидеме дел од концертот ‘Срцевина’ и што ќе настапиме заедно со Архангел. Со нетрпение ја очекуваме средбата со публиката во Скопје. Архангел е една од најзначајните групи на македонската и регионалната музичка сцена, со препознатлив авторски израз и песни што и денес силно комуницираат со публиката. Уверен сум дека нè очекува вечер исполнета со музика, емоции и вистинска енергија“, рече Хаџиманов.
Синглот „Дни оловни“ е снимен, миксан и мастериран во скопското студио „Clinic Sound“ на Нино Спиркоски. Sound design е потпис на Марко Миличевиќ, познат под псевдонимот Gramophonedzie.
Покрај Вртев, во „Архангел“ се и Александар Ванчовски, Дејан Митровиќ – бас,
Иван Петровски – гитара и Филип Димишковски – клавијатури.
„Архангел“ е македонска рок група основана во 1989 година. Основач на групата е Ристо Вртев. Рок бендот има издадено четири албуми: „Архангел 1“, „Архангел 2“, „Heart Core“ и „Небесна машина“.












