Македонскиот ракометен вицешампион, Еурофарм Пелистер, го затвори кругот на засилувања за новата сезона откако го претстави новиот член Алекса Колаковиќ, среден бек од Србија со богато интернационално искуство.
Колаковиќ (28) е српски репрезентативец, а со пелистерци се обврза на едногодишен договор, со можност соработката да биде продолжена на уште една сезона.
– Мозаикот за сезоната 2026/2027 го комплетираме со доведување на уште еден среден бек. Нов член на Еурофарм Пелистер е Алекса Колаковиќ, кој се обврза на договор на една сезона, со опција за уште една. Се работи за 28-годишен српски репрезентативец, роден во Подгорица, кој доаѓа во Битола од францускиот ракомет.
По четири сезони во Сант-Рафаел и две во Шартр, Колаковиќ го прифати предизвикот да дојде во најракометниот град и да игра пред најдобрата публика во светот. Средниот бек има шест настапи за српската репрезентација, а настапите во една од најсилните лиги во светот беа добра препорака за трансферот во Битола.
Србинот е деветто засилување за новиот тренер Лино Червар, по: Серафимов, Котар, Мехмедовиќ, Џелетовиќ, Татар, Белистојаноски, Басанесе и Џелиловиќ – велат од редовите на Пелистер.












