понеделник, јуни 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА И ОВОЈ ПАРЛАМЕНТАРЕН СОСТАВ НЕ Е ИМУН НА НЕПРИСУСТВОТО НА СЕДНИЦИ: Празно...

И ОВОЈ ПАРЛАМЕНТАРЕН СОСТАВ НЕ Е ИМУН НА НЕПРИСУСТВОТО НА СЕДНИЦИ: Празно собраниско столче, редовна плата – оправдано отсуство само со телефонски повик!

Одговарајќи на новинарско прашање на вчерашниот брифинг за бројните отсуства на пратениците Али Ахмети, Мендух Тачи и други, првиот парламентарец рече дека правилата им одат на рака на оние што се неодговорни. – Сосила не може никого да натерате да доаѓа на седници. Но, граѓаните се тие што одлучуваат кој ќе биде избран за пратеник – рече Гаши. Наспроти ова, аналитичарите укажуваат дека треба да се најде начин пратениците одговорно да си ја вршат својата функција

29

– Ништо не им можам, немам начин да ги натерам да доаѓаат на седниците – се пожали на денешниот брифинг Африм Гаши, претседателот на македонското Собрание, кога беше прашан за проблемот со пратениците што не доаѓаат на седниците. На редовниот брифинг за новинарите, тој беше прашан за својот однос кон оние народни избраници што откако е конституиран Парламентот, ретко или речиси воопшто не доаѓаат на седниците. Како пример за таквиот неодговорен однос особено е посочено однесувањето на пратениците и лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, кои досега речиси воопшто не се видени во Парламентот.

Гаши одговори дека практично има врзани раце кога се работи за нередовните пратеници, бидејќи собраниските правила се поставени така што им одат на рака на оние што избегнуваат да ги претставуваат граѓаните на собраниските седници.

– Правилата се такви што оној што не сака да дојде на седница, може само да се јави преку телефон и да објасни дека е спречен да дојде. Тоа се смета за уредно оправдување за отсуството. Јас на почетокот од секоја седница ги информирам другите пратеници дека тие и тие пратеници го најавиле своето отсуство. Толкава е мојата ингеренција – објасни вчера Гаши.

Отсуството на дел од пратениците од собраниската работа е карактеристика на речиси секој парламентарен состав. Но, се чини, тоа е карактеристично најмногу за едни исти личности. Али Ахмети и Мендух Тачи и во поранешните собраниски состави ретко доаѓаа на седниците, а така продолжија и во овој мандатен состав. Евиденцијата преку системот „Мојот пратеник“ покажува дека во периодот јули-декември 2025 година, кога имало повеќе од четириесет собраниски седници, Мендух Тачи не дошол на ниту една од нив, а Али Ахмети бил само на една седница. Заедно со нив, и пратеникот Садула Дураку од редовите на ДУИ, исто така, бил само на една седница. Во периодот јануари-јули 2025 година, кога имало педесетина седници, Али Ахмети стапнал во Собранието само три пати, а Мендух Тачи четири. Сите нивни отсуства се заведени како „оправдани“ и немале „неоправдано“ недоаѓање. Во меѓувреме, на нивните сметки редовно се исплаќаат високи пратенички плати.

Ваквото неодговорно однесување, се чини, е овозможено и со важечкиот Деловник за работа на Собранието, во кој е само наведено дека „пратеникот кој е спречен да присуствува на седницата е должен за тоа  да го извести претседателот на Собранието до почетокот на седницата“. Односно не треба да доставува никакво друго оправдување. Парична санкција со одбивање пет проценти од платата е предвидена за оние неодговорни пратеници што трипати едноподруго не присуствуваат на седниците, а за тоа не го известиле спикерот Гаши. Одземањето на мандатот се прави само во случај кога пратеникот цели шест месеци неоправдано отсуствува од седниците.

Спикерот Гаши наведува дека во ваква ситуација само граѓаните се тие што може да ги санкционираат неодговорните пратеници.

– Сосила не може никого да натерате да доаѓа на седници. Но, граѓаните се тие што одлучуваат кој ќе биде избран за пратеник. Јавноста гледа кој доаѓа, а кој не доаѓа на седниците и граѓаните треба да решат дали тие и натаму ќе бидат пратеници на некои следни избори. Ние треба да ја подигнеме политичката култура. Не сум сигурен дека е решение воведувањето отворени изборни листи – наведува Африм Гаши.

Наспроти ова, аналитичарите укажуваат дека треба да се најде начин пратениците одговорно да си ја вршат својата функција. Александра Јовевска-Ѓорѓевиќ, истражувачка и раководителка на Центарот за парламентарна поддршка и демократизација во Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, смета дека постојат два начини.

– Едниот претпоставува промена на изборниот модел, со воведување отворени кандидатски листи на кои граѓаните ќе може да ги заокружуваат имињата на оние кандидати за кои сметаат дека заслужуваат да бидат избрани. На таков начин кандидатот се врзува со граѓанинот и, секако, ќе се чувствува поодговорно во својот однос кон граѓанинот. Вториот начин е преку определување јасни критериуми за тоа што значи оправдано отсуство од седниците – наведува Јовевска- Ѓорѓевиќ.

Таа додава дека сегашните решенија отвораат широк простор за оправдување на отсуствата, што се злоупотребува од пратениците.

– Ако има јасно утврдени критериуми, тогаш ќе има помал простор за злоупотреби. Не може со месеци да не се реагира за нечие отсуство. Треба да се види зошто некој со месеци оправдано отсуствува и што понатаму. Тука треба да се вклучи собраниската Комисија за мандатно-имунитени прашања – потенцира Александра Јовевска-Ѓорѓевиќ. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ