Познатата натпреварувачка во УФЦ-борење, Ронда Роузи, упати остри критики до челниците на УФЦ поради ниските плати, а во својот говор ја спомена и шампионката Валентина Шевченко, што предизвика брза реакција.

Роузи тврди дека многу спортисти се принудени да бараат дополнителни извори на приход, наведувајќи дека шампионките како Шевченко мора да продаваат содржина на платформата за возрасни, „Онли фанс“. Во своите коментари, таа истакна дека некои натпреварувачки, вклучувајќи ја и шампионката во мува категорија, почнале да ја користат „Онли фанс“ за да врзат крај со крај. Инаку, оваа платформа е со претплата, каде што креаторите објавуваат фотографии и видеа и е првенствено позната по содржината за возрасни.

  • Затоа толку многу од нивните врвни спортистки ќе бараат приход на друго место. Затоа нивните шампионки како Валентина Шевченко продаваат слики од своите гради на „Онли фанс“. Многу од овие луѓе, особено оние од понизок ранг, не може да ги издржуваат своите семејства. Тие живеат на работ на сиромаштијата, иако се борат со полно работно време – истакна Роузи.

Не ѝ требаше долго на Шевченко да одговори на повиците на Роузи во врска со користењето на „Онли фанс“. Таа се огласи на социјалните мрежи за да ја сподели својата верзија од приказната.

  • 2026 година е. Натпреварувачките во борење што го користат „Онли фанс“, го користат само како нов начин да се поврзат со своите обожаватели. Изгледа дека Ронда спиела предолго по својата последна борба во 2016 година – порача Шевченко.

Шевченко, која, исто така, се смета за најдобра натпреварувачка во борење во светот од страна на УФЦ, без оглед на тежинската класа, е член на промоцијата од 2015 година и двапати ја освои титулата во мува категорија. Очигледно не ѝ се допадна што ја спомена Роузи во контекст на дискусијата за платите на натпреварувачките.

Роузи дури неодамна почна јавно да зборува за своите проблеми со УФЦ и за својата плата, како дел од промоцијата за своето враќање во рингот, против Џина Карано, на 16 мај. На врвот од својата кариера, Роузи беше една од најголемите ѕвезди на УФЦ и шампионка во бантам категорија повеќе од две години. Сега, додека се подготвува за својата прва борба по речиси десет години, нејзините критики кон УФЦ стануваат сè погласни, но Шевченко, очигледно, не е импресионирана од тоа што е вовлечена во приказната.

ИЗДВОЕНИ