Со силни пораки за поддршка на младите, спортот и здравите вредности, се одржа официјалната прес-конференција по повод стартот на „Плазма – Спортските игри за млади“ во Македонија. Свеченото отворање е закажано за утре, во 12 часот, на плоштадот „Македонија“.

На настанот присуствуваа министерот за спорт Борко Ристовски, претседателката на Федерацијата на училиштен спорт Елена Мицковска, извршниот директор на „Плазма – Спортските игри за млади“, Славен Мариќ, како и претставници на компаниите партнери и поддржувачи на проектот.

Од организацијата истакнаа дека Македонија првпат станува дел од едно од најголемите аматерски спортски движења за деца во Европа, кое веќе три децении успешно функционира низ регионот.

Оваа година, во Игрите ќе учествуваат повеќе од 27.000 деца од целата држава, кои ќе се натпреваруваат во десет спортски дисциплини – атлетика, ракомет, одбојка, одбојка на песок, мал фудбал, кошарка 3×3, шах, тенис, пинг-понг и народна игра.

Претседателката на Федерацијата на училиштен спорт на Македонија, Елена Мицковска, нагласи дека игрите се ново поглавје за училишниот спорт во државата.

  • Оваа година очекуваме преку 27.000 деца да бидат дел од „Плазма – Спортските игри за млади“ низ целата држава. Натпреварите ќе се одржуваат на месно, локално, регионално и државно ниво, во повеќе спортови, што значи дека создаваме систем кој ќе овозможи секое дете да добие можност за спорт и натпреварување. Најдобрите финалисти ќе бидат дел од големото меѓународно финале во Сплит, што е дополнителна мотивација за сите учесници. Настанот на плоштад „Македонија“ ќе биде вистински празник за младите, изјави Мицковска.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, испрати порака дека државата ќе продолжи да вложува во младите и спортот.

  • Ние, како домаќини, сме подготвени и овој настан да помине без никаков пропуст, како што беше на првенството во ракомет минатата недела. Ќе се потрудиме сите учесници да си заминат со големи спомени. Покажавме дека сме одговорни и организирани домаќини, се надевам, така ќе биде и овој пат. Ние, како Министерство за спорт и Владата, најважна цел ни е да инвестираме во младите, да инвестираме во врвниот спорт, затоа што тоа е единствениот пат по кој мора да одиме за да создадеме здрава младина која ќе биде носител на Игрите во иднина. Покрај спонзорите, Владата ќе биде најголем финансиер на овој настан. Од самото отворање на Игрите, па сè до нивното затворање, ќе бидеме сериозни домаќини и ќе гледаме да ги завршиме сите наши обврски на најдобро можно ниво и да ја претставиме Македонија на највисоко ниво, каде што заслужува да биде нашата држава. Овој е патот по кој треба да одиме, бидејќи децата се најважното нешто за здраво општество. Ние сме оние што треба да ги мотивираме да се занимаваат со спорт, заврши Ристовски.

Извршниот директор на Плазма Спортските игри за млади, Славен Мариќ, изрази задоволство што Македонија станува дел од големото регионално спортско семејство.

  • „Плазма – Спортските игри за млади“ веќе три децении поврзуваат милиони деца низ регионот преку спорт, пријателство и фер-плеј. Среќни сме што Македонија се приклучува на оваа голема приказна. Веруваме дека Игрите ќе остават силен позитивен импакт кај младите и ќе создадат генерации кои ќе растат со вистински вредности“, изјави извршниот директор на „Плазма – Спортски игри за млади“, Славен Мариќ.

Свеченото отворање на Плоштадот Македонија ќе биде збогатено со музичко-забавна програма, спортски активности и присуство на познати спортски амбасадори. Почетокот на Игрите симболично ќе биде означен со палење на пламенот, со што и официјално ќе започне големиот спортски карван во Македонија.

ИЗДВОЕНИ