Според генералниот директор на МОБ, Оливер Арсовски, за љубителите на оперската уметност, за 54. издание на „Мајските оперски вечери“ е подготвен репертоар што внимателно ја спојува традицијата со новата енергија. По отворањето на 9 мај во 20:00 часот и двете оперски претстави „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“, до 31 мај следуваат и „Риголето“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, балетот „Лебедово езеро“, „Травијата“, а програмата завршува со моќното финале на „Аида“. Фестивалскиот оган, пак, ќе го запали нашата оперска првенка со интернационална кариера, Ана Дурловски
„Мајските оперски вечери“ годинава ќе го започнат своето 54. издание на 9 мај (20:00 ч.), со премиера на две опери – „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ на Џакомо Пучини, што се случува првпат во постоењето на манифестацијата. Фестивалскиот оган, пак, ќе го запали нашата оперска првенка со интернационална кариера, Ана Дурловски.
Според генералниот директор на Македонската опера и балет, Оливер Арсовски, за љубителите на оперската уметност е подготвен репертоар што внимателно ја спојува традицијата со новата енергија, а во наредните денови, до 31 мај, следуваат и „Риголето“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, балетот „Лебедово езеро“, „Травијата“, а програмата завршува со моќното финале на „Аида“.
Инаку, на отворањето на „Мајските оперски вечери“ ќе диригира Џанлука Мартиненги од Италија, а двете опери се во режија на Пјер Франческо Маестрини од Италија. Сценографијата е на Гилермо Нова од Шпанија, а костимографијата на Кристина Ачети од Италија.
Главниот лик во операта „Сестра Анџелика“ го толкува Валентина Бои (Италија), а ќе настапат и: Бенедета Мазето (Италија), Марика Поповиќ, Николина Јаневска, Соња Пендовска-Мадевска, Биљана Јосифов, Марија Наумовска, Ана Ројдева, Злата Тошевска-Димовска, Јаворка Витанова, Десанка Глигоријевиќ, Билјана Бајевска, Елена Голомеова и Теодора Пејиќ-Зајкова.
Во операта „Џани Скики“, пак, ќе ги видиме Роберто де Кандија од Италија во главната улога, како и Ана Дурловски, Николина Јаневска, Гуо Ѕ Жао од Кина, Јане Дунимаглоски, Биљана Јосифов, Јован Јосифов, Диме Петров, Игор Дурловски, Драган Ампов, Злата Тошевска-Димовска, Невен Силјановски, Владимир Саздовски, Марко Димовски и Тихомир Јанкимовски. На сцената ќе настапат и хорот и оркестарот на Македонската опера и балет.
– „Мајските оперски вечери“ се симбол на континуитет, квалитет и амбиција, показател за тоа каде се наоѓа македонската култура денес и кон што се стреми.
Публиката доаѓа со очекување да доживее врвна уметност, а сцената возвраќа со емоција, страст и со извонредност. Манифестацијата ја гледаме како инвестиција во квалитетот, во меѓународната видливост и во културниот идентитет. Годинашното издание е доказ за тоа. Внимателно избраниот репертоар, кој ги обединува безвремените дела на Верди и на Пучини со нови продукциски пристапи, покажува дека традицијата и современоста можат да одат рака под рака. Присуството на врвни уметници од меѓународната сцена, заедно со нашиот извонреден ансамбл, создава продукција што не е само национална туку и европска по својот квалитет – посочи на денешната прес-конференција Зоран Љутков, министерот за култура и туризам.
Директорот Арсовски, пак, додаде дека „Мајските оперски вечери“ се момент кога Македонската опера и балет ги покажува својот капацитет, својата визија и својата одговорност кон културата и публиката.
– „Мајските оперски вечери“ веќе 54 години не се само фестивал. Тие се дел од културниот идентитет на Македонија и доказ дека уметноста има сила да трае, да поврзува и да создава вредност што останува за генерации. За нас, ова не е само уште една сезона и не е само серија претстави. Секоја од овие претстави носи различна емоција и заедно создаваат едно целосно искуство што посакуваме публиката да го памети. „Мајските оперски вечери“ се и огледало на институцијата. Огледало што покажува колку сме подготвени да работиме посветено, да поставуваме стандарди и да создаваме продукција што може достоинствено да стои рамо до рамо со европските сцени – истакна Арсовски.
Уметничкиот раководител на Операта, Дејан Стоев, додаде дека соработката со странските уметници е на највисоко ниво. (Д. Т.)












