четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Споделување искуства поврзани со титулата европска престолнина на културата (ЕПК), која Скопје...

Споделување искуства поврзани со титулата европска престолнина на културата (ЕПК), која Скопје ќе ја има во 2028 година

63

Претставници на локалната власт од Кемниц (Германија), Горица (Италија) и од Нова Горица (Словенија) утре ќе го посетат Скопје за низа заеднички активности со Град Скопје, со цел да споделат искуства поврзани со титулата европска престолнина на културата (ЕПК), која Скопје ќе ја има во 2028 година.

Програмата ќе започне во 10:00 часот со состанок на високо ниво во Град Скопје, што ќе им даде можност на градоначалниците учесници да разменат мислења за можностите и предизвиците од одржувањето на европската престолнина на културата.

Потоа учесниците ќе имаат симболична прошетка низ градот, од мостот „Гоце Делчев“ до „Јуроп хаус“ во Скопје.

Официјалното отворање на работната сесија ќе се одржи во „Јуроп хаус“ во Скопје, од 12:00 до 12:30 часот, со воведно обраќање на:  Бен Нупнау, вршител на должноста амбасадор, Делегација на Европската Унија; скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски; Само Турел, градоначалник на Нова Горица; Родолфо Зиберна, градоначалник на Горица и Џозефин Хаге, Кемниц – европска престолнина на културата.

По отворањето ќе следува техничка работилница, каде што претставниците од европските престолнини на културата за 2025 година ќе ги разменат најдобрите практики со организацискиот тим на „Скопје 2028“.

Посетата ќе заврши со отворање на изложбата „Инспирација“, со фотографии од европските престолнини на културата за 2025 година, во Музејот на Град Скопје, во 18:00 часот. Изложбата ќе биде отворена за јавноста, бесплатно, од 15 до 26 април 2026 година.

ИЗДВОЕНИ