– Во координација со надлежните институции, СВР Велес и со стручно ветеринарно лице од Зоолошката градина – Скопје, мечката беше успиена, прегледана и ослободена од примката, по што успешно беше пуштена назад во природата. Станува збор за млада машка кафеава мечка, стара околу три години и тешка приближно 70 килограми. Според извршениот преглед, немала видливи повреди од примката – соопштија од ловечкото друштво „Руен“, на кое му бил пријавен случајот
На планината Јакупица, во Велешко, во неделата вечерта било спасено мече што било уловено во примка, вид замка. Мечето го пронашле ловџии од ловечкото друштво „Руен“ од Велес.
– Бевме на лов кога слушнавме рикање на мечка. Тоа беше силен лелек. По звукот го пронајдовме мечето. Беше агресивно од болка, но бараше спас од нас. Со мили очи гледаше да го спасиме, ама не дозволуваше да се приближиме. Во близина беше и неговата мајка, која гледаше што се случува. Веднаш пријавивме во ловечкото друштво – вели еден од ловџиите што ја пронашле мечката.
Од ловечкото друштво „Руен“ информираа дека мечката била фатена во нелегално поставена примка (сајла) на локалитетот Чеплес, каде што биле преземени активности за нејзино спасување.
– Во координација со надлежните институции, СВР Велес и со стручно ветеринарно лице од Зоолошката градина – Скопје, мечката беше успиена, прегледана и ослободена од примката, по што успешно беше пуштена назад во природата. Станува збор за млада машка кафеава мечка, стара околу три години и тешка приближно 70 килограми. Според извршениот преглед, немала видливи повреди од примката – соопштија од ловечкото друштво „Руен“.
Притоа, наведуваат дека овој настан ја потврдува важноста на соработката, стручноста и на одговорниот пристап во заштитата на дивите животни и во зачувувањето на природното богатство.
Од ова ловечко друштво ги повикуваат сите совесни ловци и граѓани да го пријават секој сомнителен случај на криволов, поставување нелегални примки и други незаконски активности што го загрозуваат дивечот.
– Примките претставуваат сериозна опасност за дивите животни и може да предизвикаат тешки повреди и страдање. Затоа навременото пријавување е од особено значење за спречување на ваквите појави и за заштита на дивечот. Да покажеме дека вистинскиот ловец не е само корисник на природата туку и нејзин чувар и заштитник. Со заедничка одговорност, совесност и соработка можеме да придонесеме за зачувување на дивиот свет за идните генерации – потенцираат од ловечкото друштво „Руен“.
Во координираната акција за спасување учествувале двајца инспектори од Државниот инспекторат за животна средина, членови на „Руен“, Македонското еколошко друштво (МЕД), СВР Велес и ветеринар од скопската Зоолошка градина. За спасувачката акција соопшти Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).
– Мечето беше успиено, беше извршен преглед, а примката (сајлата) беше отстранета од стручно лице ветеринар од Зоолошката градина – Скопје, по што беше пуштено во природа, откако не беа констатирани видливи повреди кај него – соопштија од ДИЖС.
Примка е јамка направена од жица, ортома или од конец, која се стега околу вратот или ногата на животното кога ќе помине тоа низ неа. Користењето примка е кривично дело во Македонија. За настанот е известен и јавен обвинител од Велес. По негова насока, полицијата ја запленила примката за понатамошно вештачење и поведување кривична постапка согласно со Кривичниот законик.
(А. П.)












