понеделник, октомври 19, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ќе поскапат ли горивата и покрај падот на цената на нафтата на...

Ќе поскапат ли горивата и покрај падот на цената на нафтата на светските пазари?

1

Цените на нафтата денес продолжија да паѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да не воведува нови санкции кон Русија – санкции што требаше да стапат на сила – што поттикна очекувања за можно зголемување на понудата на енергенси на глобалниот пазар.

Според „Ројтерс“, цената на нафтата од типот „брент“ падна за 1,8 отсто, на 107,88 долари за барел, додека американската нафта „WTI“ поевтини за 1,14 отсто, на 100,25 долари за барел.

Регулаторната комисија денеска треба да ги утврди новите максимални цени на горивата кај нас, а движењата на меѓународните пазари упатуваат на ново, но ограничено поскапување на дизелот.

Ова се актиелните цени на горива (по литар/килограм)

• ЕУРОСУПЕР БС – 95: 98,50 денари
• ЕУРОСУПЕР БС – 98: 100,50 денари
• ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 97,00 денари
• Екстра лесно 1 (ЕЛ-1): 108,50 денари
• Мазут М-1 НС: 51,742 денари за килограм

Инаки, во петокот, на 16 октомври, Трамп потпиша извршна наредба со која привремено се изземаат од примена одредени мерки – вклучително и санкции и царини предвидени со новото американско законодавство насочено кон Русија и Иран. Оваа одлука дојде само неколку дена пред мерките да стапат на сила, а можноста за прилив на дополнителни руски енергенси на глобалниот пазар придонесе за смирување на пазарите.

Овој пад на цените следи по моментот во петокот кога нафтата „брент“ накратко достигна 110 долари за барел – највисоко ниво од мај. Тој претходен скок беше предизвикан од тензиите на Блискиот Исток и стравувањата од прекини во снабдувањето, особено по нападите врз пловила и компликациите поврзани со транспортот на нафта низ Ормускиот теснец.

Сепак, неизвесноста околу идните случувања на Блискиот Исток, како и времетраењето на американските изземања од санкциите, продолжуваат да вршат притисок врз пазарот. Аналитичарите предупредуваат дека, иако краткорочните политички одлуки можат да го ублажат растот на цените, тие не мора нужно да ги решаваат суштинските проблеми во глобалниот синџир на снабдување.

ИЗДВОЕНИ