КУД „Распеани гевгеличани“ постои од далечната 1971 година на минатиот век, благодарение на големите гевгелиски музички ентузијасти, предводени од легендарниот професор Александар Попов. Во неговиот состав беа вклучени мешан хор со 14-мина солисти и тамбурашки оркестар со инструментите прим, виолина, бас-прим, гитара, хармоника и контрабас

Има градови што се паметат по своите улици, по старите куќи, по реката или планината што ги чува. А има и градови што, покрај сето тоа, се паметат и по нивната песна. Гевгелија е еден од нив. Песна што се пренесува со децении, од поколение на поколение, што се пеела во домовите, на собирите и прославите, а потоа одекнувала и на сцените низ земјава и надвор од неа. Повеќе од половина век таа песна има свои чувари – „Распеани гевгеличани“.
Веќе 55 години нивниот глас ја носи музичката традиција на гевгелискиот крај, сведочејќи за времиња што поминале, но и за мелодиите што не дозволуваат да бидат заборавени. Нивната песна патувала далеку од Гевгелија, но каде и да настапувале, со себе го носеле својот град – неговите дух и темперамент и богатото народно музичко наследство. Ова е приказна токму за нив.
КУД „Распеани гевгеличани“ постои од далечната 1971 година на минатиот век, благодарение на големите гевгелиски музички ентузијасти, предводени од легендарниот професор Александар Попов. Во неговиот состав беа вклучени мешан хор со 14-мина солисти и тамбурашки оркестар со инструментите прим, виолина, бас-прим, гитара, хармоника и контрабас.
Александар Попов е роден во селото Грчиште, во 1933 година, седмолетка завршил во Валандово, а учителска школа во Скопје. Дипломирал за наставник по музика на Вишата педагошка школа во Скопје. Од 1958 година, па сè до своето пензионирање, бил наставник по музика во основното училиште „Крсте Мисирков“. Како хонорарен наставник, десет години предавал во гимназијата „Јосиф Јосифовски“.
– Староградските песни што сум ги компонирал, велеше сега веќе покојниот Ацо Попов, беа под влијание на мојата мајка Марија, која беше игроорка, мојот татко Тодор, познат Русалија и мојата баба. Репертоарот на групата, од самото формирање, се состоеше од триесетина изворни народни песни, автентични за гевгелиското поднебје.

Во 1973 година, Радио телевизија Скопје, за потребите на емисијата „Распеани градови“, ја снимила првата специјална емисија посветена на групата „Распеани гевгеличани“, во автентичен амбиент на двокатна староградска куќа во Гевгелија, со тема „Свадба“, презентирајќи ги модната и музичката урбана култура на градот. Тогашните музички уредници, Јонче Христовски, Благој Андреев, Петре. М. Андреевски и Миле Брзанов, не ги штеделе комплиментите упатени кон групата. Како врв на нивната работа се смета издавањето на култната винил плоча и касета во 1979 година, на која, покрај староградските напеви, се наоѓаат и „Трба, трба тевгелиска“, официјалната химна на градот – „Песна за Гевгелија“, компонирана токму од професорот и раководител на групата, Александар Попов, како и влашката песна „Дол лири дол франги“. Оваа плоча со гевгелиски народни песни останува траен запис за тоа време и за нивната посветеност. Тоа се песни во кои не ја слушате само мелодијата туку и љубовта кон градот и кон крајот од кој потекнуваат самите членови на „Распеани гевгеличани“.
Со своето постоење до денешни денови, групата „Распеани гевгеличани“ е дел од сите свечености што се одржуваат во Гевгелија и во другите македонски градови, како и на традиционалните фестивали „Охридски староградски средби“ во Охрид и „Илинденски денови“ во Крушево, каде што има освоено голем број награди. Настапуваат и надвор од Македонија, во Србија, Словенија и Грција.

Еден од првите членови на „Распеани гевгеличани“ е Танка Гавриловска, сега пензионерка, која, еве, како се сеќава на почетоците и на настапите со оваа група: „Уште при самото формирање, имаше голем интерес за членување во групата, како од пејачите така и од инструменталистите. Песните што ги пеевме беа со патриотски карактер, со љубовна тематика, серенади, песни во кои беше опеан животот во тогашна Гевгелија. Најмногу пеевме на свадби, родендени, крштавки, имендени. Настапувавме како во земјава така и во странство. Сепак, мене, најдраги настапи со групата „Распеани гевгеличани“ ми се оние во Грција, во градот Полипетрос, како и во Бугарија, во 2019 година. На меѓународниот фестивал на шлагери и на староградски песни „Пеј, срце“, кој се одржа во бугарскиот град Ќустендил, го освоивме првото место во нашата категорија. Пред публиката се претставивме со песните „Сношти вечер сон сум сонувала“, „Бог да бие, Тино“ и „Кажи ми, Цвето, дека спиеш ти“. Жири-комисијата, чиј претседател беше популарната бугарска пејачка Кристина Димитрова, имаше многу пофалби за вокалните интерпретации на реномираниот ансамбл од нашиот град.
Педесет и пет години се долг човечки век. За една песна, пак, тоа е доказ дека не старее вистинската традиција. Таа само добива нови гласови, нови слушатели и нови спомени. А „Распеани гевгеличани“, со својата песна, веќе 55 години се дел од таа приказна – приказна за Гевгелија што пее и што, преку својата песна, живее и надвор од своите граници. И денеска „Распеани гевгеличани“ продолжуваат да ја исполнуваат истата мисија: да ја зачуваат песната на својот крај и да ја споделат со сите што сакаат да ја слушнат.
(Љ. А.)












