понеделник, октомври 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Пешачка патека до манастирот на Тиквешкото Езеро

Пешачка патека до манастирот на Тиквешкото Езеро

41

Еколошката пешачка патека во должина од околу 14 километри, од браната на Тиквешкото Езеро до полошкиот манастир „Свети Ѓорѓи“, е во фаза на мапирање. Активностите ги спроведува еколошкото друштво „Тисовец“ од кавадаречкото село Возарци, со цел да се создадат услови за пешачење, рекреација и за развој на одржливиот туризам во Тиквешијата. 

– Пред теренскиот тим се наоѓа сериозен предизвик, особено делот од селото Праведник. Станува збор за исклучително тежок, стрмен и обраснат терен, кој на одредени места е целосно неисчистен и тешко прооден. Мапирањето бара многу пешачење, внимателно утврдување на трасата и посветена работа на терен. И покрај тешкотиите, продолжуваме чекор по чекор, со цел да ја утврдиме трасата и да создадеме основа за нејзино идно уредување, чистење и обележување. Нашата цел е да ги поврземе природните убавини на Тиквешијата со културното и со духовното наследство на полошкиот манастир „Свети Ѓорѓи“, создавајќи можности за пешачење, рекреација, едукација и за развој на одржливиот туризам – појасни Сашко Данов, претседател на здружението. 

Тој истакна дека секој изоден дел од трасата е чекор поблиску до остварувањето на идејата – екопатека што ќе им овозможи на граѓаните и на посетителите подобро да ги запознаат природата и културното наследство на овој крај. Досега се одеше со чамец.

Притоа, додаде дека проектот се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 3 – ReLOaD3, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот е кофинансиран од Општина Кавадарци.

ИЗДВОЕНИ