СОЗР почнува со тестирање на електрични возила, како дел од напорите за модернизација на државниот возен парк. Во првата фаза ќе бидат набавени три возила за курирските служби. Според директорот Ивица Томовски, резултатите од пилот-проектот ќе покажат дали може да се примени ваквиот модел и пошироко во јавната администрација

Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) почнува пилот-проект за набавка на три електрични возила, кои ќе бидат наменети за потребите на курирските служби што секојдневно доставуваат документација меѓу државните институции во Скопје. Ова го најави директорот на СОЗР, Ивица Томовски, посочувајќи дека проектот има цел да ги испита исплатливоста и практичноста на електричните возила во јавната администрација.
Томовски информира дека е во тек истражување на пазарот, по што ќе следува набавката на возилата. Според него, пилот-проектот треба да покаже дали е доволна постојната инфраструктура за полнење електрични возила во земјава за нивно редовно користење во службени цели.
Осврнувајќи се на состојбата со државниот имот, директорот на СОЗР истакна дека по преземањето на функцијата, биле констатирани сериозни административни пропусти, при што дел од државните објекти, вклучително и репрезентативни вили, немале регулирана имотноправна документација.
Тој нагласи дека е овозможено со законски измени целиот имот со кој располага Службата да биде евидентиран, додека сопственоста останува на Република Македонија. Според Томовски, тоа создало услови за започнување на реконструкција и санација на објектите, кои подолг период не биле реновирани и се соочувале со сериозни инфраструктурни проблеми.
– Денес можам да кажам дека целиот имот со кој располага Службата за општи и заеднички работи е со имотен лист и е во служба на државата – изјави Томовски.
Во однос на воведувањето на обоените регистарски таблички за службените возила, Томовски оцени дека мерката дала значајни резултати. Како што посочи, злоупотребите при користењето на службените автомобили се намалени за околу 70 проценти.
Тој призна дека и натаму постојат поединечни случаи на несовесно користење на службените возила, но ги повика граѓаните активно да пријавуваат евентуални злоупотреби преку телефонскиот број и електронската адреса што ги објавила Службата.
– Доколку некој сè уште не разбрал дека државниот имот е сопственост на граѓаните, тогаш преку институциите и медиумите ќе покажеме како треба одговорно да се постапува – порача Томовски.












