
Репрезентацијата на Бразил се збогува со Светското првенство во осминафиналето откако загуби од Норвешка со 1:2. Ерлинг Халанд постигна два гола за Норвешка, а во судиското продолжение Неимар постигна гол од пенал, кој со овој натпревар се збогува со репрезентацијата. Бразилските медиуми се прашуваат зошто Винисиус Жуниор не изведе пенал за Бразил при резултат 0:0. Бруно Гимареш го изведе ударот, а неговиот удар беше одбранет од Ниланд.
Веднаш по натпреварот, напаѓачот на Реал (М) го даде одговорот и на тоа прашање.
„Зошто не го изведов пеналот? Затоа што тренерот така одлучи. Никогаш не се кријам ниту бегам од одговорност. Во Реал (М) ги изведов кога тренерот ме замоли. Тука го почитував она што беше одлучено. Ова покажува дека не бев себичен или не дејствував злонамерно, обидувајќи се да се борам за титулата најдобар стрелец“, објасни тој во мешаната зона на стадионот во Њу Џерси.
„Се надевам дека кариерата на Бруно Гимареш со бразилската репрезентација нема да биде обележана со оваа грешка“, нагласи Винисиус и застана во одбрана на селекторот Карло Анчелоти: „Тој е тренер кој ми дава многу самодоверба“.
„Мораме да продолжиме понатаму. Можам само да им се извинам на нашите навивачи, кои отсекогаш верувале во нас и биле со нас. Фрустрацијата е голема бидејќи „Селесао“ долго време не освоил ништо“, рече Вини, ветувајќи: „Ние, помладите, ќе продолжиме понатаму и ќе направиме сè што можеме за да го вратиме „Селесао“ на врвот“.
„Навистина сум многу тажен, не можам да ги најдам зборовите за да го изразам она што го чувствувам во моментов. Кога губите, впечатокот што го оставате е лош. Така е“, заклучи Винисиус, стрелецот на четири гола на ова Светско првенство.











