понеделник, јуни 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Советот на Европа работи на спроведување на одлуките на ЕСЧП против Бугарија

Советот на Европа работи на спроведување на одлуките на ЕСЧП против Бугарија

327

Советот на Европа активно работи на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесени против Бугарија, истакна генералниот секретар на Советот, Ален Берсе, за време на посетата на Скопје. На заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, Берсе рече дека овој процес трае предолго и дека улогата на Советот на Европа не завршува со донесувањето на пресудите, туку е и во нивната имплементација. Тој најави дека Комитетот на министри ќе го разгледа ова прашање со цел спроведувањето на одлуките да стане реалност. Генералниот секретар на Советот на Европа истакна и дека овој процес треба да биде стабилен, а не да има само симболично значење.

– Вие сте целосно во право, извршувањето беше предолго. Тоа е јасно. Но продолжуваме да работиме на ова и се надевам дека многу бргу ќе имаме позитивен резултат. Не е само важна улогата во донесувањето на одлуките на Судот за човекови права, туку и во нивно спроведување. Во случајот што го споменавте за Бугарија, знаете дека имаме преглед на одлуките што сè уште не се извршени. И работиме на ова. Постигнавме одреден напредок, би рекол, во последниот месец, потребно е малку време, но знаете, мислам, стабилноста на процесот е исто така важна затоа што мора да биде повеќе од само симболично решение, рече Берсе и се осврна и на десетгодишната забрана за влез во Бугарија на адвокатот Тони Менкиноски, кој ги застапува Македонците во Бугарија, нагласувајќи дека заштитата на адвокатите е од суштинско значење во едно општество.

Берсе ја нагласи важната улога на земјава во градењето на стабилноста и демократските стандарди во регионот и Европа и ја поздрави земјава за посветеноста кон европските вредности истакнувајќи дека Советот на Европа соработува со Македонија на прашања на правата на малцинствата.

– Во оваа геополитичка средина е многу важна улогата на Советот на Европа во одржувањето на демократскиот курс, стабилноста на Европа како целина, развивајќи заеднички правен простор за земјите членки за да можат да ги решат проблемите заедно во еден заеднички простор и европска безбедност, рече тој.

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, истакна дека ја реафирмирал важноста од доследно почитување на преземените обврски од страна на сите земји членки, без двојни стандарди, со посебен акцент на независноста и на имплементацијата на одлуките на Европскиот суд за човекови права. Тој нагласи дека Македонија доследно ги применува пресудите на Судот во Стразбур, иако тоа понекогаш не е лесно.

– Изразив и надеж дека Советот на Европа и понатаму ќе остане морален компас и објективен чувар на демократските стандарди во Европа. Европската конвенција и пресудите на судот, покрај имплементација на заеднички простор на водење на правото, се и морален компас за земјите членки. И колку и тоа да не е лесно, обврска на земјите членки е да го прават тоа. Во однос на конкретните предмети, државата, иако не е странка во постапките, за жал, тоа е нешто од минатото што не можеме сега да го поправиме, сепак сме земја членка на Советот на Европа и нашите перспективи во однос на тоа прашање ги даваме во рамките на Комитетот на министри како земја членка на Советот на Европа и очекуваме дека сите земји членки ќе си ги преземат своите обврски во согласност со Конвенцијата, рече Муцунски.

На средбата, Муцунски и Берсе истакнаа дека Македонија игра многу важна улога за стабилноста и за демократската отпорност во цела Европа и низ целиот Западен Балкан.

– Изразив благодарност за континуираната поддршка што ја добиваме од Советот на Европа, особено преку експертската помош во подготовката на важни законски решенија и на Акцискиот план за малцинства како значаен сегмент од нашиот европски пат. Особено задоволство изразив што напредокот на нашата држава, и покрај бројните предизвици, беше препознаен со затворањето на постмониторинг-дијалогот од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа во јануари оваа година, истакна министерот Муцунски и додаде дека тоа претставува признание, но и дополнителна обврска да продолжиме со уште посилна посветеност кон европските вредности.

Муцунски и Версе објавија и дека идната година Македонија ќе претседава со Комитетот на министри на Советот на Европа. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ