Општина Чаир започна акција за отстранување на преку 200 хаварисани и напуштени возила од јавните површини на територијата на Општината, со цел ослободување на паркинг-просторот и подобрување на урбаниот ред.
Од општинската прес-служба информираат дека со акцијата веднаш се ослободуваат стотици паркинг-места за жителите, со што се создаваат пофункционални услови за движење и паркирање во повеќе делови на Чаир. Воедно, како што посочуваат од Општината, се придонесува и за подобрување на животната средина преку отстранување на возилата кои подолг период биле оставени на јавни површини.
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, изјави дека акцијата претставува конкретен чекор кон решавање на долгогодишен проблем со недостигот на паркинг-простор и нарушениот изглед на јавните површини.
– Ослободуваме стотици паркинг-места за граѓаните и истовремено отстрануваме долгогодишен еколошки проблем. Ова се конкретни резултати што се гледаат и се чувствуваат секојдневно во Чаир – изјави Меџити.












