По приклучувањето на Македонија кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), следниот значаен чекор во модернизацијата на домашниот платен систем е воведувањето инстант плаќања, кои ќе овозможат трансакции во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата. Ова го истакна вицегувернерот на Народната банка, Игор Величковски, на Осмата меѓународна конференција за регионалните картични шеми и инфраструктурите за финансискиот пазар и плаќањата на мало, одржана во Тирана.

На панел-дискусијата „Инстант плаќањата во Западен Балкан“, Величковски посочи дека воспоставувањето национален инстант платен систем заснован врз клонот на ТИПС претставува продолжување на реформите во платежната сфера и важен чекор кон дигитализација и регионално поврзување. Според него, новата инфраструктура нема да донесе само побрзи трансакции, туку ќе овозможи и развој на дополнителни дигитални услуги, како плаќања преку мобилен број или електронска адреса, барање за плаќање, проверка на примачот и плаќања преку кјуар-кодови.

– Со тоа ќе се поттикне поширока употреба на дигиталните плаќања, особено кај трговците и малите компании, ќе се поддржи дигитализацијата на јавниот и на приватниот сектор и ќе се придонесе за намалување на користењето готовина –  истакна Величковски.

Тој нагласи дека особено значајна е можноста за поврзување на националните системи за инстант плаќања во петте економии од Западен Балкан и нивна идна интероперабилност со европската платежна инфраструктура. Крајната цел, како што посочи вицегувернерот, е премин кон инстант плаќања во денари и евра и интегрирање на домашниот систем во современ, поврзан регионален и европски платежен екосистем.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ