Граѓани кои се пријавиле за бесплатна вакцинација против сезонски грип сè уште чекаат термин, а дел од нив се соочуваат и со проблеми при обидот да се вакцинираат во пунктовите. Во редакцијата пристигна сведоштво од граѓанин кој заедно со сопругата се пријавил за вакцинација на 15 октомври, но речиси еден месец подоцна сè уште нема добиено термин. Во меѓувреме, бил препраќан од една во друга поликлиника, без да добие конкретна информација кога ќе може да ја прими вакцината.
„Пред скоро еден месец, на 15.10.2026 година, заедно со сопругата уредно се пријавивме за вакцинација против сезонски грип. Очекувавме дека за десетина дена ќе добиеме термин. Деновите минуваат, а термин нема“, пишува граѓанинот.
Тој раскажува дека прво отишол во поликлиниката „Букурешт“, каде што му било кажано дека пунктот за вакцинација е укинат и дека треба да се обратат во „Идадија“ или во „Ѓорче Петров“.
„На официјално објавените телефонски броеви за информации оттаму никој не се јавува. Познато, барем ако нема кој да се јави, нека се укинат и тие броеви“, реагира тој.
Потоа се упатиле во поликлиниката во Ѓорче Петров, каде што им било кажано дека вакцинацијата се врши попладне. Кога дошле во попладневните часови, затекнале речиси празна чекалница.
„Еден граѓанин чека, а внатре во ординацијата едно лице се вакцинира. Нема никој друг. Сестрата ја отвора вратата и праша: „А вие за што сте?“ Ние сме за вакцинација и ја кажуваме нашата мака и молба. „Не може, така ни е наредено од горе“, а лекарката молчи, не реагира. Замоливме уште еднаш, нема слух“, наведува граѓанинот.
Дополнително, друга пензионерка се соочила со поинакво објаснување кога побарала да се вакцинира. Била вратена со образложение дека во моментот вакцини има само за граѓаните кои добиле СМС-порака со термин, додека останатите ќе можат да се вакцинираат откако ќе пристигне новата пратка вакцини.
Редакцијата ВЕЧЕР побара одговор од Министерството за здравство –зошто не може да се вакцинираат граѓаните кои иако се пријавиле не добиле СМС порака за вакцинација. Министерот за здравство Сашо Клековски најави дека до понеделник ќе бидат достапни нови 26.000 дози вакцини против сезонски грип, а обезбедена е набавка и на уште 30.000 дози вакцини против грип. На денот кога започна имунизацијата од ИЈЗ рекоа дека никој од ризичните групи на граѓани нема да биде вратен од пунктовите на Центрите за јавно здравје. (П.А.)












