За реализација на уредување на коритото на Ораовичка Река, Министерството за животна средина и просторно планирање, преку Програмите за води за 2025 и 2026 година, има обезбедено финансиска поддршка во висина од 12 милиони денари. На вчерашната работната средба на заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, со градоначалникот на Општина Радовиш, Љупче Почивалец, се разговарало и за планираната изградба на водоводна, фекална и атмосферска канализациска мрежа во Урбан блок 15, во Радовиш, проект за кој, исто така, е предвидена финансиска поддршка од Министерството
Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, вчера ја посети Општина Радовиш, каде што со градоначалникот Љупче Почивалец разговарале за тековните и планираните инфраструктурни инвестиции, како и за можностите за продлабочување на соработката меѓу Министерството и локалната самоуправа.
Во рамките на посетата, Лашкоска и Почивалец извршиле увид во активностите за уредување на речното корито на Ораовичка Река. За реализација на овој проект, Министерството за животна средина и просторно планирање, преку Програмите за води за 2025 и 2026 година, има обезбедено финансиска поддршка во висина од 12 милиони денари.
На работната средба се разговарало и за планираната изградба на водоводна, фекална и атмосферска канализациска мрежа во Урбан блок 15, во Радовиш, проект за кој, исто така, е предвидена финансиска поддршка од Министерството.
Од двете страни била истакната важноста на континуираната координација и партнерството меѓу централната и локалната власт, со цел инфраструктурните инвестиции да одговорат на реалните потреби на граѓаните и да донесат конкретни подобрувања во нивното секојдневие.
– Граѓаните не ја мерат успешноста на институциите само според вложените средства, туку според подобрувањата што ги чувствуваат во своето секојдневие. Токму затоа, секој реализиран проект, секој метар изградена водоводна или канализациска мрежа и секое уредено речно корито за нас претставуваат вложување во нивната сигурност, здравје и поквалитетен живот. Нашата цел е инвестициите во животната средина да бидат видливи преку конкретни придобивки за граѓаните и да создаваат трајни вредности за идните генерации – истакна Лашкоска.
Инфраструктурните проекти во Радовиш се дел од активностите насочени кон подобрување на водоснабдувањето, унапредување на комуналната инфраструктура и заштита на животната средина.












