вторник, октомври 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СОЈУЗОТ НА БОРЦИТЕ ОД НОВ И ГРАЃАНИТЕ ПОДДРЖУВАЧИ ОДБЕЛЕЖАА 85-ГОДИШНИНА ОД ДЕНОТ...

СОЈУЗОТ НА БОРЦИТЕ ОД НОВ И ГРАЃАНИТЕ ПОДДРЖУВАЧИ ОДБЕЛЕЖАА 85-ГОДИШНИНА ОД ДЕНОТ НА ВОСТАНИЕТО: 11 Октомври 1941 година обврзува да се досонува сонот на македонските борци против фашизмот

Тоа не е само датум од историјата туку и лекција за сегашноста и инспирација за иднината. Треба да изградиме култура на почит и на одговорност кон тие луѓе и тој настан – изјави вчера Рубинчо Белчески, в.д. претседател на Сојузот на борците

16

Одбележувањето на Денот на народното востание, 11 Октомври 1941 година, е и обврска да се досонува сонот со кој македонските борци тогаш тргнале во борба против фашистичките окупатори. Ова беше кажано на денешното одбелжување на 85-годишнина од овој значаен и преломен историски настан во историјата на борбата за македонска слобода и државност. На прославата организирана од Сојузот на борците од народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија и граѓаните продолжувачи беше искажана благодарност кон сите паднати борци за слобода на Македонија и победа над фашизмот.

– 11 Октомври не е само датум од историјата туку и лекција за сегашноста и инспирација за иднината. Тоа е одлука на човекот да не се согласува со непријателот. Затоа треба да изградиме култура на почит и на одговорност кон тие луѓе и тој настан. Да се кренеш на востание, да тргнеш во борба без оружје, но со челик во душата, да тргнеш во борба за слобода, правата и солидарност, тоа е приказна која нè обврзува да го досонуваме нивниот сон и да го чуваме нивниот аманет – изјави на прославата Рубино Белчески, в.д. претседател на Сојузот.

Тој нагласи дека историјата не се учи само за да се запознае минатото и дека антифашистичката борба е кохезивна сила која може да нè поврзе сите во земјава.

– Да не беа АВНОЈ и АСНОМ немаше да има ни Македонија, таа борба е темел и трајна инспирација. Чувајќи ги двата Илиндена, ја чуваме и државата. Треба да ги чуваме и негуваме традициите, да ги почитуваме актерите на борбите и да се прашуваме дали сме ѝ достојни на слободата. Секој нека даде свој одговор, а ние да се прашуваме од каде им е таа храброст да дадат отпор. Единствениот одговор го знаат оние што стравот го претвориле во инспирација. Кон нив треба да се однесуваме со почит и оваа порака мора да допре до младите – нагласи Белчески.

Според потпретседателка Елена Јованова-Грујовска, на 11 октомври борците беа свесни дека молкот ќе биде откажување од сопственото достоинство.

– Со почит се сеќаваме на оние што го дадоа својот живот за слободата. 11 Октомври не треба да е само спомен туку поттик за континуитет на слободарскиот дух. Живееме во светот полн со неизвесности, на ризици, во јавниот простор има премногу омраза и обиди вистината да се замени со манипулации. И ние не сме надвор од ова. Не ни треба дух на поделби туку дух на солидарност, на патриотизам, за да создадеме општество во кое младите ќе сакаат да останат и законот ќе важи за сите. Ни една жртва да не била залудна, да ја чуваме слободата, да ја браниме демократијата. 11 Октомври е повик на наша одговорност кон минатото. Нека е вечна почитта кон борците – нагласи таа.

Историчарката Љубица Јанчева од ИНИ рече дека во 1941 година Македонија беше окупирана од бугарскиот и италијанскиот фашистички окупатор и дека до кревањето на востанието доаѓа по одлуката на тогашното раководство на КП на Југославија за кревање на вооружена борба.

– Во Македонија, востанието започнува нешто подоцна, поради недореченостите меѓу раководството на КПЈ и на покраинскиот комитет на КПМ на чело со Методија Шаторов-Шарло. Потоа борбите се интензивирале и востанието се крева на 11 октомври, со нападот на полициската станица во Прилеп и на други објекти. Утредента, борбите почнале и на подрачјето на Кумановскиот Регион. Тоа е симбол на решеноста на окупацијата да ѝ се спротивстават со борба и да го поврзат националното ослободување со антифашистичката борба – рече Јачева. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ