Во знакот на крајно спротивставени оценки за состојбите во македонското земјоделство и одговорноста за тоа, во македонското Собрание, денеска, се расправаше за интерпелацијата за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трупуновски. Зад интерпелацијата стои опозицискиот СДСМ, а во неа е наведено дека таа се поднесува поради значително влошување на состојбите во областа на земјоделството. Тука се и сериозните сомневања за системска корупција во ресорот, потврдена со апсења високи функционери за примање мито и директно загрозување на јавниот интерес, како и, како што се посочува, поради суспензијата на ИПАРД 3-програмата.
Пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, при образложението на интерпелацијата, истакна дека овие две години од работењето на Трипуновски ќе бидат запаметени по укинати програми, поништените повици за трактори и механизација, преполовената програма за рурален развој, намалените субвенции и укинатата авансна исплата.
– Ќе бидат запаметени по тоа што илјадници земјоделци, секоја година, бараат исплата на субвенциите, а наместо поддршка, добиваат бесконечно одлагање. Ќе бидат запаметени по тоа што цените на пченицата, на оризот, на грозјето, на зелката, на млекото и на многу други производи паднаа под производствените трошоци, а немате донесено ниту една дополнителна мерка од еден, два, три или пет денари за нивна поддршка. Ќе бидат запаметени по напуштените реформи во шумарството, по пропаднати проекти, по уништени административни капацитети и по уште многу други работи. Две години институциите не беа ставени во функција на земјоделците, туку во функција на вашите интереси. Професионалци со долгогодишно искуство беа деградирани, преместувани и изложени на притисоци – потенцира Николовски.
Тој додаде дека не се исполнети и бројните ветувања кон земјоделците.
– Вие ветувавте повеќе субвенции, земјоделците добија помалку; ветувавте сигурен откуп, земјоделците добија пониски цени; ветувавте нови инвестиции, земјоделците добија блокиран ИПАРД. Слушнете ги земјоделците кои денес бараат преземање одговорност, здруженијата, синдикатот кој што побара оставка од самиот министер. Слушнете ги земјоделците кои бараат оставка затоа што го изгубивте кредибилитетот што со години го градевте на тема лажни ветувања и ветувања што денес не се исполнети. Наместо напредок, направивте чекори кои што оставаат трајни последици врз земјоделството – рече Николовски.
Во својот одговор, министерот Цветан Трипуновски нагласи дека луѓето што со години го воделе земјоделството и имале можност да ги решаваат проблемите на земјоделците оставиле разочарани земјоделци, уништени системи, недовршени проекти и целосно изгубена доверба во институциите.
–Кога ја презедов функцијата, наследив една хаотична состојба, нерешени предмети, хаос во институциите, наталожени проблеми, неисплатени плати во јавните претпријатија, неисплатени субвенции и чувство дека Министерството служело за политичка пропаганда наместо за реална поддршка во земјоделството. Да потсетам дека околу 1.600 вработени во ЈП „Национални шуми“, 4 месеци немаа примено плата, а преку 500 вработени во АД „Водостопанство“ немаа земено плата дури 5 месеци, нив ги оставивте на цедило, без плата и здравствено осигурување – рече тој.
Министерот посочи дека сегашната власт имаше обврска да исплати неисплатени субвенции од 2020, 2021, 2022 и 2023 година. Потсети дека претходната власт 17 месеци не исплатила субвенции за предадено млеко.
– Сакате факти за вашето неработење, тука говори и кредитот од Светска Банка земен во 2019 година во износ од 46 милиони евра. Затекнавме многу слаба реализација во активностите за проектот, беше помалку 10 отсто, а сите активности на проектот требаше да бидат завршени во јуни 2025 година. За склучениот договор со КВФ Банка за кредит од 80 милиони евра за инвестиции во водостопанството во декември 2019 година, пет години претходната власт немаше преземено ништо. Во делот на ИПАРД-програмата, која во изминатиот период ви беше омилена тема, во периодот 2017 – 2024 година немате акредитирано ниту една нова мерка, односно работевте по веќе акредитираните мерки во 2009 и 2015 година – нагласи Трипуновски.
Пратеникот на СДСМ, Миле Талевски, нагласи дека од двегодишното владеење на оваа власт се гледаат само, како што рече, скандали, корупција, блокирани европски средства, намалени субвенции, уништена доверба, незадоволни земјоделци, пропаднати ветувања. Малиша Станковиќ од Социјалистичка партија на Македонија истакна дека целта на СДСМ со интерпелацијата не е поддршка на земјоделците, туку, како што посочи, да го заштитат криминалот што го сториле.












