среда, јуни 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НОВИОТ„ БАЛАНСЕР“ СО „ИЗБАЛАНСИРАНИ“ КАЗНИ ЗА ИЗМАМИ СО ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ: Тримесечна забрана...

НОВИОТ„ БАЛАНСЕР“ СО „ИЗБАЛАНСИРАНИ“ КАЗНИ ЗА ИЗМАМИ СО ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ: Тримесечна забрана за лажни пријавувања како Албанец, Турчин, Ром… на огласи за државна работа

Предложеното законско решение, кое е во собраниска процедура, предвидува дека ако биде утврдено дека некој лажно се пријавил како припадник на друга етничка заедница огласот ќе биде поништен, а тој исфрлен како кандидат со тримесечна забрана за учество на огласи. „Рокот на санкцијата е краток, но не ни беше целта да изрекуваме строги санкции. Сакаме да одиме со поблага санкција за да се разбуди свеста кај граѓаните дека соодветна и правична застапеност е уставен принцип кој треба да се спроведува во практика“, објаснува Дритон Сулејмани, заменик-министер за образование од редовите на „Вреди“

30

Поништен оглас за вработување во државна служба и тримесечна забрана за пријавување оглас ќе добијат лицата што во поднесената пријава лажно навеле дека се припадници на некоја од етничките заедници во земјава. На ваков начин ќе се спречува некој Македонец, Албанец, Турчин… да се пријави, на пример, како Ром, Бошњак, Влав… или обратно, сè со цел да биде примен врз основа на принципот на соодветна и правична застапеност. Ова е единствената санкција што е предвидена во предложениот закон за соодветна и правична застапеност, кој деновиве треба да се најде пред пратениците во македонскиот парламент во „првото читање“ во рамките на процедурата за дефинитивно усвојување.

Дали вака предвидената санкција ќе може и да ги спречи можните злоупотреби, ќе остане да се види во текот на практиката по изгласувањето на законот. Но, предлагачите на законските решенија објаснуваат дека намерно не оделе со поостри решенија за да граѓаните што подобро ја разберат целта на законот кој треба да обезбеди соодветна и правична застапеност на припадниците на етничките заедници во земјава во јавниот сектор. Но, како што се најавува, зависно од искуствата ќе се види дали ќе биде потребно и промена на законските решенија и заострувањето на санкциите.

Преиспитување по пет години

Познато е дека со предложениот закон се сака да се постават темелите на професионална, транспарентна, модерна и силна мултиетничка администрација. Претходно, предложеното законско решение доби и позитивно мислење од Венецијанска комисија која посебно нагласила дека мерит-системот мора да претставува темел на секој систем на вработување во јавниот сектор. Вицепремиерот, Беким Сали, пред еден месец изјави дека посебно внимание се посветува на подобрување на застапеноста на граѓаните кои им припаѓаат на заедниците што се застапени во органите на државната власт и другите институции од јавниот сектор.

– Квалификациите, стручноста и компетентноста, според законското решение, претставуваат примарен критериум, а припадноста кон застапена заедница може да се земе предвид само како секундарен критериум, во случај на еднакви квалификации и компетентност на кандидатите. Ова е начинот на кој се зајакнува довербата меѓу граѓаните и меѓу заедниците. И ова е начинот на кој се зајакнува самата држава – нагласи тогаш Сали.

Инаку, со законското решение е предвидено при вработување во администрацијата, граѓаните доброволно да се изјаснуваат за етничката припадност, но може и да не се изјаснат на која заедница ѝ припаѓаат. За да се спречи злоупотреба од арбитрарно изјаснување, се земаат личните документи на граѓаните, односно личното име запишано во лична карта или во друга јавна исправа издадена од надлежен орган. Но, ако се утврди злоупотреба, односно, ако се утврди дека некој се пријавил како припадник на друга етничка заедница, а не на онаа на која ѝ припаѓа – санкциите се  предвидени само со еден член.

– Во случај на утврдена злоупотреба ќе се донесе одлука за одбивање за тој оглас и кандидатот не може да се пријави на оглас во следните три месеци – пишува во предложеното решение.

Практично, објавениот оглас ќе биде поништен, а лажно пријавениот кандидат не ќе може да се пријавува на оглас во наредните три месеци. По истекот на тој рок, тој пак ќе може да поднесува документи за вработувања… Со тоа се поставува и прашањето дали таквата куса санкција е доволна?

Дритон Сулејмани, заменик-министер за образование од редовите на „Вреди“, за весникот ВЕЧЕР објаснува дека намерно се одело со решението кое предвидува поблаго санкционирање.

– Рокот на санкцијата е краток, но не ни беше целта да изрекуваме строги санкции. Сакаме да одиме со поблага санкција за да се разбуди свеста кај граѓаните дека соодветна и правична застапеност е уставен принцип кој треба да се спроведува во практиката. А со тоа, секој граѓанин и да има свест и совест да го почитува она што го предвидува овој закон. Ако биде утврдено дека некој лажно се пријавил како припадник на друга етничка заедница, огласот ќе биде поништен, а тој исфрлен како кандидат со тримесечна забрана – објаснува Сулејмани.

Тој додава дека ова не значи дека ваквото решение ќе остане постојано.

– По пет години ќе се направи анализа на спроведувањето на законот. Доколку се утврди дека и натаму се злоупотребува и практикува лажното етничко претставување, тогаш може да се очекува и заострување на санкциите – објаснува Дритон Сулејмани во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Доказ во личните документи

Во изминативе години, додека соодветни и правични вработувања на припадниците на етничките заедници се вршеа преку алатката „балансер“, имаше бројни примери на злоупотреби со лажно претставување. Најпарадоксалниот случај беше пред четири години, кога едно лице на објавените огласи за пет работни места во Државната комисија за спречување корупција, се пријавил за сите места, но со три различни изјави за етничка припадност. Така, за едно работно место се пријавил како Ром, за второ како Турчин, а за трето како Албанец!? Во практиката имало и бројни други примери на различни изјаснувања, сè со цел да се добие работа во државна служба и изигра уставниот принцип на соодветна и правична застапеност.

Сулејмани вели дека законските решенија даваат доволна основа однапред да се знае кој кандидат на која етничка заедница ѝ припаѓа.

– Како доказ за тоа ќе биде земан јазикот што лицата го имаат на личните документи – лични карти, пасоши и други документи од кои преку вкрстувањето може да се заклучи кој на која етничка припадност ѝ припаѓа – објаснува Сулејмани.

Според него, со посебната Методологија која ќе биде направена по донесувањето на законот за соодветна и правична застапеност, ќе биде предвидено на кој начин и со какви услови ќе бидат распишувани огласите за вработување во јавниот сектор. Односно, како ќе бидат спроведувани вработувањата во институциите во кои ќе треба да се вработуваат припадници на одредени етнички заедници за да се задоволи принципот на соодветна и правична застапеност. Инаку, предвидено е посебно координативното тело да го следи и го оценува спроведувањето на правата на граѓаните што им припаѓаат на сите заедници, како и состојбата на меѓуетничките односи во јавниот сектор. На барање на ова тело, сите надлежни органи се должни во рок од 30 дена од приемот на барањето да достават податоци и информации поврзани со состојбата со застапеноста на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ