Името на Ана Липша-Тофовиќ е нераскинливо поврзано со „Охридско лето“. Нејзината восхитеност од Охрид, а особено од храмот „Света Софија“ – неговиот амбиент, духовната енергија и извонредната акустика, ја поттикнала идејата токму таму да одржи целовечерен солистички рецитал. И токму од тој визионерски потфат започнала да се испишува приказната која денес, по 66 изданија, го сочинува богатиот и разновиден мозаик на „Охридско лето“, посочи директорот на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, завчеравечер, на одбележувањето на 66. роденден на „Охридско лето“, во чии рамки беше промовирана монографијата посветена на големата македонска оперска певица
Со солистички рецитал на големата уметница, носител на алтовскиот и мецосопранскиот фах, Ана Липша-Тофовиќ, пред 66 години, на 4 август во далечната 1961 година почна најголемата меѓународна музичко-сценска манифестација во државата – „Охридско лето“. Токму во нејзина чест завчеравечер, во црквата „Света Софија“ во Охрид, беше промовирана монографијата „Ана Липша-Тофовиќ“ од авторите м-р Снежана Анастасова- Чадиковска и проф. д-р Александар Трајковски, посветена на 100-годишнината од нејзиното раѓање. Директорот на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека со монографијата, животот и делото на Ана Липша-Тофовиќ добиваат трајно сведоштво, а нејзиниот придонес кон македонската музичка култура и кон создавањето на „Охридско лето“ останува запишан за идните генерации.

– Несомнено, името на Липша-Тофовиќ е нераскинливо поврзано со „Охридско лето“. Нејзината восхитеност од Охрид, а особено од храмот „Света Софија“ – неговиот амбиент, духовната енергија и извонредната акустика, ја поттикнала идејата токму тука да одржи целовечерен солистички рецитал. И токму од тој визионерски потфат започнала да се испишува приказната која денес, по 66 изданија, го сочинува богатиот и разновиден мозаик на „Охридско лето“. Благодарение на нејзината визија, македонската култура концертно го доби и акустичниот простор на „Света Софија“, кој и денес е една од најпрепознатливите сцени на фестивалот – рече Цуцковски.
Промоторот на монографијата, Марко Коловски, кажа дека со исчитувањето на последната страница од монографијата, читателот добива чувство дека се работи за капитално дело посветено на великан.
– По читањето на поголемиот дел од оваа книга, она што го знаев, она што сум го слушнал од нејзините современици и колеги доби една уверлива потврда. И како што се гледаше големата Ана себеси во служба на нејзиното височество музиката, значи без никакви знаци на себеистакнување, авторите успеале на неверојатно ненаметлив начин да дозволат низ фактите, низ описот на нејзиниот однос кон делата што ги изведувала – да овозможат нејзиниот лик да ја добие токму нејзината вистинска физиономија – кажа музикологот Коловски.
Според проф. д-р Ганка Цветанова, делото на оперската примадона треба да остане како силен поттик и обврска за денешните и идните генерации уметници – со истата посветеност да го негуваат, збогатуваат и афирмираат македонското музичко творештво.
За авторката на монографијата, Анастасова-Чадиковска, голема е честа да се биде дел од авторите на ова дело, „гранитен споменик што многу јасно и аргументирано говори за непоколебливата верба во силата и креативното“.
– Пред шеесет и пет години, кога на единаесетгодишна возраст првпат влегов во ,,Света Софија“ доведена од родителите да го слушам концертот на Ана, се почувствував како да влегувам во друг свет, свет исполнет со возвишена светлина. Всушност, тоа беше своевидно волшепство – посочи таа.
Проф. д-р Трајковски, пак, појасни дека со испишувањето на ова дело се исполнува и аманетот на истакнатиот македонски диригент, Фимчо Муратовски, кој на последните средби пред своето заминување од овоземниот свет им оставил аманет да не ја забораваат Ана Липша-Тофовиќ.
– Сметам дека објавувањето на оваа книга е успех за современото македонско музичко книгоиздателство и особено успех на македонската култура воопшто – рече Трајковски.
„Вокален и пијанистички огномет“ со сета раскош и виртуозност

Со вокален раскош, пијанистичка виртуозност и уметничка енергија, „Охридско лето“ го одбележа и концертниот дел на својот 66. роденден. Фестивалската публика имаше можност да ужива во впечатливиот настап на Мајан Лихт, контратенор од Израел, и Пшемек Виницки, пијанист од Полска, уметници што со својата интерпретација донесоа посебна енергија и уметничка емоција на фестивалската сцена.
– Роденденот на „Охридско лето“ секогаш е посебен момент за нас, затоа што го славиме она што е суштината на фестивалот: уметноста, врвните уметници и публиката. Годинава, овој значаен ден го одбележавме со двајца исклучителни уметници, Мајан Лихт и Пшемек Виницки, кои приредија концерт исполнет со виртуозност и емоција. Особено ми е драго што и оваа година роденденската вечер беше пред полна „Света Софија“ и што публиката заедно со нас го сподели овој убав момент. Тоа е најголемата потврда дека продолжува да живее традицијата на „Охридско лето“ – кажа директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Во акустичниот амбиент под сводовите на црквата одекнаа дела од Хендл, Броши, Глинка, Шимановски, Персл и Бизе, меѓу кои „Ombra mai fu“, „Venti, turbini“, „Lascia ch’io pianga“, „The Cold Song“ и „Хабанера“ од „Кармен“.
Роденденската вечер во „Света Софија“ заврши со долг аплауз од публиката, која со воодушевување ги поздрави уметниците и нивната извонредна изведба.












