четврток, ноември 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Димитриевски: Со правосудниот испит нема компромис, во спротивно коалицијата на преиспитување!

Димитриевски: Со правосудниот испит нема компромис, во спротивно коалицијата на преиспитување!

1

ЗНАМ нема да прифати решенија што го усложнуваат правниот систем и го доведуваат во прашање уставниот поредок – доколку предлогот за полагање на правосудниот испит на албански јазик биде доставен во Собранието, партијата ќе се произнесе негативно, а во спротивно ќе го преиспита и своето учество во Владата, порача лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ќе остане дел од Владата сè додека се почитуваат договорените коалициски принципи, но нема да отстапи од своите ставови кога станува збор за владеењето на правото и почитувањето на Уставот. Ова го истакна претседателот на партијата, Максим Димитриевски, во гостувањето во  „Само интервју“ на Канал 5, осврнувајќи се на актуелните политички прашања, предлогот за полагање на правосудниот испит на албански јазик и односите во владината коалиција.

„Во политиката постои компромис, но во владеењето на правото нема компромис. Предлогот на министерот Шасивари е хибридно решение, а триумфализмот е неоснован, бидејќи Владата нема донесено одлука, туку предлогот е испратен на мислење во Венецијанската комисија. Согласно Уставот и постојниот закон, не постои можност правосудниот испит да се полага на албански јазик“, изјави Димитриевски.

Тој најави дека доколку вакво решение биде доставено до Собранието, ЗНАМ ќе гласа против. Доколку, пак, ставот на партијата не биде почитуван, ќе биде преиспитано и нејзиното понатамошно учество во Владата.

Димитриевски нагласи дека ЗНАМ не учествувало во каков било политички договор за ова прашање. Тој очекува на најавената лидерска средба во декември партијата да биде активно консултирана, а не само дополнително информирана за веќе донесени политички договори.

Говорејќи за значењето на правосудниот испит, претседателот на ЗНАМ посочи дека право да го полагаат имаат дипломирани правници со една или две години работен стаж на правни работи, а не студенти. Според него, во правосудниот систем од особено значење се прецизното разбирање на правната терминологија и познавањето на официјалниот македонски јазик.

„Заштитата на правниот поредок, легализмот и почитувањето на Уставот се принципи од кои ЗНАМ нема да отстапи“, порача Димитриевски.

Осврнувајќи се на односите во владината коалиција, тој оцени дека соработката со ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски е конструктивна и одлична.

Димитриевски ги отфрли и обвинувањата на СДСМ дека ЗНАМ креира вештачка политичка криза со цел да предизвика предвремени парламентарни избори. Според него, одлуката за одржување избори е во надлежност на премиерот.

Во однос на политичките барања на ДУИ поврзани со полагањето на правосудниот испит, Димитриевски оцени дека станува збор за иницијатива со која повторно се отвораат прашања што веќе биле предмет на политички расправи. Притоа, упати порака до моноетничките политички партии дека мора да ги почитуваат законите и институциите на државата.

ИЗДВОЕНИ