четврток, ноември 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРОПАДНАА ДВА ЧАСА НАМЕНЕТИ ЗА ПОСЕБНА СЕДНИЦА ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ: На паузи...

ПРОПАДНАА ДВА ЧАСА НАМЕНЕТИ ЗА ПОСЕБНА СЕДНИЦА ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ: На паузи и кавги се потрошија опозициските пратенички прашања

Прво пратеничката на ДУИ, Рина Ајдари, побара едночасовна пауза, а потоа и пратеникот на ЗНАМ, Даниел Стојчевски, по што собранискиот спикер, Африм Гаши, констатира дека поминал двочасовниот период предвиден за ваква седница

1

Во кавги и паузите помина денешниот ден во македонското Собрание, а што, на крајот, резултираше со непоставувањето на пратеничките прашања од страна на опозициските пратеници. Иако седуммина пратеници беа најавени дека ќе постават свои прашања за оваа седница, таа набрзо наиде на пречка откако пратеничката од ДУИ, Рина Ајдари, процедурално реагираше и побара присуство на министрите. Таа претходно најави дека има прашања за министрите за правда и за животна средина.

– Барам министрите да влезат во салата. Имам прашање за министерот за правда, Јетон Шасивари, најавено уште пред три недели, а тој е отсутен. Повикајте ги министрите да бидат присутни во салата, а не да седат во собраниското бифе – нагласи Ајдари.

Но, на ова доби одговор од собранискиот претседател, Африм Гаши, дека најголемиот дел од министрите се тука или во салата ќе влезат кога ќе бидат на ред за прашањата.

– Министрите кои се службено надвор од државата ме известија, но тука се заменик-министрите – рече Гаши.

Пратеничката Ајдари не беше задоволна со вакво објаснување и побара еден час пауза. На ова доби одговор од Гаши дека на таков начин Рина Ајдари сама си го крати времето за пратенички прашања и нагласи дека тие ќе завршат во 13.30 часот.

Меѓутоа, и по истекот на оваа пауза, не продолжи поставувањето на пратеничките прашања. Тогаш, пауза побара пратеникот на ЗНАМ, Даниел Стојчевски, од процедурални причини.

– Ние сме единствена држава во светот каде што опозиција бара пауза на инструментот наменет за опозицијата. Тука сме, тука се и министрите и замениците и пак се бара пауза. Користете ги пратеничките прашања, за тоа имате одговорност пред граѓаните што ве избрале и за тоа сте платени. Министрите треба да ви одговараат на вашите прашања. Сега барам еден час пауза, се надевам дека ќе бидете спремни за следната седница – рече Стојчевски.

По ова, собранискиот спикер Гаши рече дека седницата ќе продолжи со другите утврдените точки на дневниот ред.

Но, пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ притоа му порача на претседателот Гаши да каже по кој член од Деловникот завршиле пратеничките прашања, во смисла по кој член истекло времето за нив, кога ниту еден пратеник не поставил прашање до тој момент?

-Покажавте дека ваквиот начин на функционирање на Собранието е со некоја друга намера, рече Спасовски.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, пак, во однос на ваквиот епилог на седницата за пратенички прашања, во својот коментар на социјални мрежи наведе дека спикерот Гаши ја саботирал седницата.

– Спикерот Африм Гаши ја саботираше седницата за опозициски пратенички прашања! Со изигрување на Деловникот и негово „креативно толкување“, земањето пауза (кога пратениците не работат) злонамерно го брои во ефективното работно време од два часа, кое е загарантирано за одговaрање прашања од страна на власта!? Тоа што, во власта има три субјекти и секоја седница за опозициски пратенички прашања – која трае два часа – може буквално да биде оневозможена преку земање по еден час пауза од страна на: ДПМНЕ, ЗНАМ или ВРЕДИ – наведе Апасиев. Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ пак одговори дека  опозицијата сама себе си се саботирала.

-Денес бевме сведоци дека опозицијата не сакаше да се започнат опозиционите пратенички прашања. Ова навистина претставува преседан во демократијата. Опозиција да ги саботира пратеничките прашања. И ова не е прв пат – порача Сајкоски. (Б. Ѓ.)

Не помина предлогот за платено породилно боледување на земјоделките

Пратениците не го поддржа предлог-законот на опозициската партија Левица за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување, со кој се бара воведување на право на платено породилно отсуство за жените индивидуални земјоделки. На гласањето, од 87 регистрирани пратеници, само 23 гласаа „за” предлогот. Во образложението на предлогот, пратеничката Јована Мојсоска рече дека, со него, 38.000 регистрирани жени земјоделки треба да добијат загарантирано право на паричен надоместок за време на бременост, раѓање и мајчинство, како и при привремена спреченост за работа поради болест и повреда.

– Станува збор за основно работничко и социјално право, а не за привилегија, недозволиво е во 2026 година жените кои произведуваат храна, плаќаат придонеси и го издржуваат своето семејство сè уште да мораат да се борат за законска заштита на мајчинството – нагласи таа.

ИЗДВОЕНИ