
Основачот на Си-ен-ен, Тед Тарнер, почина на 87-годишна возраст, објави „Тарнер Ентерпрајзис“. Тој изгради медиумска империја, беше меѓународно познат филантроп, едриличар, основач на Фондацијата на ОН, кој се залагаше за елиминација на нуклеарното оружје.
На 1 јуни 1980 година, Тарнер ја лансираше Си-ен-ен, првата кабелска мрежа што емитуваше само вести 24 часа на ден. Роден во Охајо, со прекар „Устата на југот“ поради неговата отворена природа, изгради медиумска империја што вклучуваше прва кабелска суперстаница и популарни филмски и цртани канали, како и професионални спортски тимови како „Атланта брејвс“.Тарнер ја почнал кариерата преземајќи ја успешната семејна компанија за билборди, кога неговиот татко си го одзел животот. Потоа купил радиостаница во Атланта, која за една деценија станала основа на радиодифузниот систем „Тарнер“, што го направило еден од најголемите медиумски могули во САД.
Во 1991 година, Тарнер беше прогласен за „Човек на годината“ од списанието „Тајм“ за „влијание врз динамиката на настаните и претворање на гледачите во 150 земји во моментални сведоци на историјата“. Претседателот Џорџ Буш еднаш рече дека дознавал повеќе од „Си-ен-ен“ отколку од ЦИА.
Тарнер, на крајот, ги продаде своите мрежи на Тајм Ворнер, а подоцна ја напушти работата, но продолжи Си-ен-ен да ја нарекува најголемо достигнување во животот. Познат е и по тоа што од 1991 до 2001 беше во брак со холивудската легенда Џејн Фонда.











