„Македонска пошта“ доби 100 нови возила, како дел од мерките за модернизација и подобрување на услугите, со цел да се зголеми ефикасноста на доставувањето и да се зајакне капацитетот на државната компанија. Набавени се 90 пикапи и 10 комбиња, со што, како што рече директорот Орхан Куртиши, „Пошта“ ќе може нормално и без проблеми да ја извршува својата основна функција.
– Малите возила се со носивост од 750 килограми, додека големите се со носивост од 1.800 килограми и многу ќе помогнат во забрзувањето на доставувањето на пратките, што е основната дејност на „Пошта“. Недостигот на транспортни возила беше еден проблем што ни создаваше предизвици во извршувањето на задачите. Со оваа поддршка денес, значително ја подобруваме поштенската инфраструктура, олеснувајќи го извршувањето на поштенските услуги побрзо и поефикасно – рече директорот на „Пошта“, Охран Куртеши.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, рече дека цел на Владата во идниот период ќе ѝ биде да го зголеми квалитетот на „Пошта“, односно да се подобри ефикасноста во испораката на услугите и намалување на трошоците за 15 %, како и подобрување на индикаторот за профитабилност за дополнителни 15 %.
– Во следниот период очекуваме да се набави софтвер за „Македонска пошта“, како и сортирка, која воопшто ја нема во регионот и ќе значи дека „Пошта“ ќе биде најмодерната поштенска институција во целиот регион. Она што е, исто така, значајно и е за поздравување е што „Македонска пошта“, без разлика што е либерализиран пазарот, е единствената институција што врши универзална услуга, што значи без разлика дали се работи за најголема пратка или за најмало писмо, кое треба да стигне од Скопје во најмалото село во Македонија, тоа го прави „Пошта“ и тоа е за поздравување – рече Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски појасни дека просечната старост на возилата била 15 години и дека со оваа набавка „Пошта“ ќе може да ги достави пратките до секое населено место, до секој граѓанин, до секоја компанија. Овие возила ќе ги намалат трошоците на претпријатието за поправка, одржување и сервис.
– Денес зборуваме за една важна инвестиција, која не значи само нови возила туку и нов почеток, нова енергија и нова функционалност за еден систем што со години беше оставен сам да се справува со предизвиците – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Набавката на возила чини околу 2 милиони евра и тие се донација од Владата и од Министерството за транспорт и врски.












