На повеќе места во Скопје, почнувајќи од Градскиот парк, се копаат бунари за вода, која би се користела за наводнување, со што се очекува да се намали огромната загуба на пивка вода во главниот град, што изнесува до 60 отсто.
Ова го најави денеска скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
– Досега во Градскиот парк се користела пивка вода, а отсега на повеќе места почнуваме со копање бунари, со цел да се намали употребата на водата од водоводниот систем – истакна Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека Скопје има најквалитетна вода.
– И оваа година, изворите на Рашче се како никогаш досега, 25 години наназад, полни, па ова лето нема да ги гледаме оние слики и голготата што ја доживуваа граѓаните – рече Ѓорѓиевски.
Тој појасни дека вакви бунари ќе се копаат на повеќе места во Скопје, но и во приградските населби, каде што ќе се субвенционира дупчење сопствени бунари.
Дополнително, Ѓорѓиевски уверува дека се работи на замена на водоводниот систем, онаму каде што е стар и каде што се забележани енормни загуби на вода.
– Деновиве, почнавме со замена на водоводниот систем во Лисиче и Горно Лисиче. Така во етапи ќе се менува целата водоводна мрежа во целиот град – нагласи Ѓорѓиевски, кој наведе дека почнала и замената на водоводни броила.
Тој се надева дека до крајот на неговиот мандат, загубите на вода ќе се намалат за половина.
Ќе се огради нелегалниот премин кај Бит-пазар
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, денеска изјави дека во следните денови ќе се оградува нелегалниот премин преку булеварот „Крсте Петков Мисирков“ на Бит-пазар.
Тој информираше дека изминатиов период, жители на тој реон имале барање овој див пешачки премин да стане легален, но Градот, како што соопшти, поради безбедноста на сите учесници во сообраќајот, категорично го одбил нивното барање и не ја менува одлуката дека на местото повторно ќе биде поставена метална ограда.
– Категорични сме во тоа дека местото треба да биде затворено поради безбедносни причини и за пешаците и за оние што се корисници на возила. На тоа место ќе се постави ограда – изјави Ѓорѓиевски.












