Министерството за енергетика, институциите и донаторите ги синхронизираат приоритетите за транзиција кон чиста енергија. За таа цел, денеска се одржа пленарен состанок на секторската работна група за енергетика, организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. На настанот учествуваа претставници од клучните енергетски институции, донаторската заедница, меѓународните финансиски институции и развојните партнери, кои ги разгледаа постигнатите резултати и идните насоки за реализација на заедничките стратешки цели.
– Градиме енергетски систем што нуди стабилност, доверба и одржливост. Новиот Закон за енергетика, праведната транзиција и инвестициските активности во обновливи извори се клучни алатки со кои го трансформираме нашиот енергетски сектор – истакна министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Таа подвлече дека веќе се финализирани неколку договори со КфЊ, ЕБОР и со ЕИБ за инвестиции во соларни и ветерни централи и во мрежна инфраструктура, а во тек е и подготовка на нови закони за обновливи извори и за енергетска ефикасност.
Министерката истакна дека новиот Закон за енергетика, кој беше усвоен неодамна во Собранието, претставува системски столб за натамошен развој на секторот.
– Со овој закон се обезбедува стабилна, транспарентна и предвидлива регулатива за домашните и за странските инвеститори, се зајакнуваат капацитетите на регулаторните и на операторските тела и се создаваат услови за интеграција со европските енергетски пазари. Законот е целосно усогласен со европската легислатива и ја потврдува посветеноста на земјата кон реформската агенда за Западен Балкан – велат од Министерството за енергетика.
Во рамките на состанокот беа претставени и напредните проекти од страна на АД ЕСМ, насочени кон искористување на сончевата, ветерната и хидроенергијата, со фокус на зелените вештини и на одржливите работни места. Од МЕПСО беа презентирани активности за модернизација на преносната мрежа, дигитализација, сајбер-безбедност и за зајакнување на инфраструктурата.