четврток, ноември 26, 2026
Дома СВЕТ Пресврт во судењето против Нетанјаху: Судиите препорачуваат повлекување на обвинението за поткуп

Пресврт во судењето против Нетанјаху: Судиите препорачуваат повлекување на обвинението за поткуп

0
EPA/ABIR SULTAN

Израелски судии му препорачаа на обвинителството да го повлече обвинението за поткуп против премиерот Бенјамин Нетанјаху во еден од трите долготрајни судски процеси. Тие исто така предложија повторно да се разгледа вториот случај, во кој Нетанјаху е обвинет дека нудел услуги во замена за поволно медиумско известување, пренесува Ројтерс.

Во 2019 година, Нетанјаху беше обвинет за поткуп, измама и злоупотреба на довербата. Тој ги негира сите обвиненија и се изјасни дека не е виновен. Судењето, кое започна во 2020 година, опфаќа три одделни предмети.

Во предметот познат како „Случај 4000“, обвинителите тврдат дека Нетанјаху ѝ овозможил регулаторни поволности во вредност од приближно 1,8 милијарди шекели (околу 457,2 милиони евра) на компанијата „Безек Телеком Израел“. За возврат, според обвинението, тој барал позитивно медиумско известување за себе и за неговата сопруга Сара на информативен портал контролиран од тогашниот претседател на компанијата, Шаул Елович – кој исто така ги негира обвиненијата.

Во средата, судијката Ривка Фридман-Фелдман од Окружниот суд во Ерусалим ѝ укажа на јавната обвинителка Гали Бахарав-Миара дека е малку веројатно да дојде до осудителна пресуда и препорача случајот да се повлече. Судот нагласи дека ова не е конечна одлука, додека Бахарав-Миара најави дека ќе ја разгледа препораката заедно со својот обвинителски тим. Судиите исто така препорачаа повторно да се разгледа „Случајот 2000“, во кој се тврди дека Нетанјаху преговарал со Арнон Мозес, сопственикот на весникот „Једиот Ахронот“, за поповолно известување во замена за донесување закон што би го забавил растот на конкурентските весници. Судиите поставија прашање дали постапките на Нетанјаху воопшто претставуваат кривично дело.

Нетанјаху ја опиша препораката на судот како „зраци светлина за вистината и правдата“. Во своето обраќање преку телевизија, тој тврдеше дека неговите блиски соработници и пријатели со години биле изложени на притисоци, уцени и понижувања, со цел да бидат принудени да сведочат против него.

ИЗДВОЕНИ