Со децении, Шведска беше нешто како социјалдемократски олтар во европската и американската политичка имагинација – земја со високи даноци, широка социјална држава, јавно здравство, јавни училишта, регулирани синдикати, државна грижа од лулка до гроб.
За европската левица, таа беше доказ дека капитализмот може да се скроти; за американската десница, тоа е омилен пример за наводен мек социјализам во кој државата регулира сè, а граѓанинот за возврат добива безбедност. Но, сликата за Шведска, како што пишува „Волстрит џурнал“, сериозно се промени во последните децении. Во статијата насловена како „Најизненадувачката капиталистичка трансформација во светот се случува во Шведска“, угледниот ВСЏ тврди дека Шведска се претворила во еден од најинтересните експерименти во пазарниот капитализам во Европа.
Денес, речиси половина од шведските ординации за примарна здравствена заштита се во приватна сопственост, или се приватно управувани. Приближно едно од три јавно финансирани средни училишта се водени приватно, а некои училишни оператори дури и котираат на берзата. Јавните пари се сè уште основа на системот, но услугите сè повеќе ги обезбедуваат приватни актери. Со други зборови, Шведска не ја укина социјалната држава, туку во голема мера ја аутсорсираше.
Дигиталната здравствена платформа „Кри“, лансирана во 2015 година, им обезбедува на пациентите видеоповици со лекари, 24-часовни прегледи и повеќејазични лекари. Според ВСЏ, таа платформа сега има повеќе корисници во Шведска од „Нетфликс“.
Економската заднина на таа трансформација е подеднакво интересна. Според податоците што ги наведува весникот, Шведска ги намалила јавните социјални трошоци на околу 24 проценти од БДП, што е ниво блиско до американското и значително пониско од она на Франција и Италија. Вкупните владини трошоци се намалија од екстремно високите нивоа во претходните периоди на околу половина од БДП. Даноците, исто така, се намалувани: највисоката стапка на данок на доход од речиси 90 проценти во 1980-тите се намали на околу 50 проценти.
Резултатот, велат заговорниците на реформите, е експлозија на претприемаштво, иновациите и на економската динамика. Денес, Шведска не е само земја на АББА, Волво, ИКЕА и добри криминални приказни, туку и земја на „Спотифај“, „Кларна“, индустрија за игри, технолошки стартапи и на изненадувачки голем број милијардери по жител. Во оваа смисла, старата карикатура на Шведска како земја каде што државата задушува сè со даноци, сè помалку одговара на стварноста.












