вторник, август 25, 2026
Дома КУЛТУРА Со изложба на Мелихат Тузун отворена ликовната колонија „Михајлово – Кавадарци 2026“

Со изложба на Мелихат Тузун отворена ликовната колонија „Михајлово – Кавадарци 2026“

7

Во Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, завчеравечер, беше отворена изложба на ликовната уметница Мелихат Тузун од Турција, насловена „По стапките на животот“, со која стартуваше и јубилејното триесетто по ред издание на меѓународната ликовната колонија „Михајлово – Кавадарци 2026“.

Мелихат Тузун има одржано 21 самостојна изложба, од кои 13 во Турција и 8 во странство, и учествувала на бројни национални и меѓународни биеналиња, работилници и групни изложби. Нејзините дела се дел од колекциите на многу национални и меѓународни музеи, јавни институции и организации. Исто така, има објавено статии, научни трудови и поглавја во книги на различни теми поврзани со сликарството, ликовните уметности и гравирањето.

Инаку, на годинашната ликовна колонија, чии почетоци се во детското одморалиште „Михајлово“ на падините на Кожув Планина, ќе учествуваат 38 уметници од Турција, Црна Гора, Бугарија, Србија, Косово, Финска, Италија и Македонија. Тие до 29 август ќе творат во прекрасниот амбиент на месноста Моклиште и ресторанот „Моклиште“, инспирирани од природата и од традицијата на Тиквешијата.

Колонијата се одвива под кураторство на ликовниот уметник Владимир Темков, а со поддршка на Министерството за култура и локалната самоуправа, како и бројни организатори и поддржувачи на уметноста во Кавадарци.

ИЗДВОЕНИ