Документарецот „Руини“ на Елена Чемерска, вчеравечер, во Куршумли ан во Скопје, ја имаше својата македонска премиера во рамките на 17. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.
Дебитантскиот документарец на визуелната уметница Чемерска ги следи преплетените патишта на личната тага и на колективната меморија, а произлегол од нејзиниот долгогодишен ангажман околу ревитализацијата на Споменикот на слободата во Кочани, комплекс од отворени ѕидни конструкции, на кои се применети мозаици на познатиот македонски уметник Глигор Чемерски кој ѝ е татко.
Во „Руини“, Чемерска, всушност, ја прикажува реставрацијата на модернистичкиот споменик и открива дека обновата на архитектурата е неразделна од соочувањето со сопствената тага. Додека архивските снимки се преплетуваат со процесот на реставрација, споменикот станува место каде што личната меморија и колективната историја се спојуваат. Преку ова интимно патување, филмот размислува за загубата, наследството и кревката врска меѓу архитектурата, сеќавањето и идентитетот.

Филмот имаше светска премиера на 28. Шангајски интернационален филмски фестивал, во Шангај, Кина, јуни годинава.
„Руини” е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Минимал колектив“ од Македонија, „Рестарт“ од Хрватска и „Потем“ од Словенија, во соработка со „Филмтрик“. Кинематографијата е на Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата на Владимир Гојун и Горјан Атанасов. Композитор е Игор Василев – Новоградска, а дизајнер на звук – Лука Гамулин. Продуценти се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска, копродуценти Оливер Сертиќ и Ивана Нацева, а извршен продуцент – Атанас Георгиев. Филмот е реализиран со поддршка од македонската Агенција за филм, Хрватскиот аудиовизуелен центар (HAVC), РТВ Словенија и во рамки на проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт фонд.












