вторник, август 25, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Јавна манифестација „Мојот дел од природата“ на градскиот плоштад „Цар Самоил“

Јавна манифестација „Мојот дел од природата“ на градскиот плоштад „Цар Самоил“

10

Во пресрет на Светскиот ден на езерата, Македонското еколошко друштво, Општина Ресен и НП „Галичица“, денеска, на градскиот плоштад „Цар Самоил“ во Ресен, ќе ја организираат јавната манифестација „Мојот дел од природата“.

Станува збор за вечер исполнета со разговори, дружење, локални вкусови, игра и музика – но пред сè, можност заеднички да се размисли за тоа како да се зачува природното богатство на Преспа и да се создаде иднина во која и луѓето и природата ќе напредуваат. Настанот ќе биде отворен во 18:00 часот, со воведно обраќање на градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, а обраќање ќе има и Робертина Брајаноска, извршна директорка на Македонското еколошко друштво. Потоа, ќе биде потпишана Декларација за основање на Прекугранична работна група за шуми.

Во 18:30 часот следува панел-дискусија „Зачувување и одржливо управување со природното наследство на Преспа“, а во разговорот ќе учествуваат: Ајман Ал Малла, раководител на Секторот за животна средина при Општина Ресен, Андон Бојаџи, раководител на Одделението за заштита на природата при Националниот парк „Галичица“, Драган Арсовски, раководител на Програмата за знаење и наука при Македонското еколошко друштво и Маријана Милевска, проектна менаџерка во Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за проектот „ЕУ за Преспа“.

Освен тоа, вечерта, Преспа ќе се доживее и преку она што го создаваат луѓето кои живеат тука. На поставени штандови ќе бидат презентирани локални производи, а ќе се одржи и натпревар во друштвената игра „Преспа“.

Во 20:30 часот почнува музичката вечер со автентична староградска музика со групата „Персиди“, а потоа следува настапот на добро познатиот локален рок бенд „Пуш пауза“.

– Дојдете да се сретнеме, да разговараме, да се забавуваме и заедно да ја прославиме природата што нè опкружува. Затоа што Преспа е наша – и секој од нас има свој дел од природата – повикуваат организаторите.

Настанот се организира во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ).

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ