Царинската управа информира дека започнува со спроведување на еден од најзначајните проекти за модернизација на граничната инфраструктура со кој се воведуваат паметни системи за автоматизација на граничните терминали, за што се обезбедени грант средства од Европската Унија во висина од два милиони евра.
По претходно објавен јавен оглас, потпишан е договор со изведувачот за набавка на опрема, со што се означува значајниот прогрес на проектот, чија имплементација треба да заврши до средината на наредната година.
– Автоматизацијата на терминалите ќе овозможи значително побрз проток на стоки и намалување на времето на чекање и на оперативните трошоци за економските оператори. Со замена на постојните рампи и ваги со нови дигитални системи поддржани со напредни аналитички видеокамери, увозот, извозот и транзитот ќе се евидентираат автоматски, за само неколку секунди по влезот на товарното моторно возило на царинскиот терминал – посочија од Царината.
Автоматските ваги и рампи ќе бидат директно поврзани со системот за видеонадзор и за препознавање регистарски таблички, за што во тек е постапка за набавка на софтвер – интегратор, со што ќе овозможат поефикасна контрола и забрзан проток на легалната трговија во согласност со ЕУ- стандардите. Воедно, примената на ваквите системи ќе овозможи и намалување на човечкиот фактор, како една од основните алатки за ефикасна борба со криминалот и корупцијата.












