среда, јули 29, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Во Охрид може да се најде хотелска соба и за 50 евра

Во Охрид може да се најде хотелска соба и за 50 евра

По послабиот почеток на сезоната, туристичкиот бран за Илинден ги наполни капацитетите, а угостителите велат дека и покрај повисоките трошоци, не се зголемени цените за празниците. За празниците се бара кревет повеќе, а и натаму може да се најде хотелска соба во Охрид за цена од 50 евра, велат хотелиерите. Тие очекуваат да продолжи зголемената посетеност и во првата половина на август и да придонесе за успешен финиш на летната туристичка сезона

3

И покрај бројните реакции на социјалните мрежи за високите цени во угостителските објекти, Охрид и годинава ќе биде една од најпосетените туристички дестинации за претстојниот празничен викенд. Хотелските и приватните сместувачки капацитети се целосно исполнети, а покрај домашните туристи, во градот се очекува да пристигнат и голем број гости од земјите во регионот. Угостителите уверуваат дека нема да се зголемат цените во рестораните и во кафулињата за празниците и дека остануваат на истото ниво како и во текот на сезоната, нагласувајќи дека поскапувањето од претходниот период е резултат на повисоките трошоци за набавка, енергенси и за работна сила.

Од друга страна, граѓаните сметаат дека одморот во Охрид станува сè поскап и сè помалку достапен за домашните туристи. Велат дека иако постојано растат цените на храната и на услугите, платите не го следат тој тренд. Туристичките работници, пак, очекуваат празничниот бран гости да надомести за послабата посетеност на почетокот од летната сезона и да придонесе за успешен туристички финиш.

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија, Крсте Блажевски, вели дека за претстојните празници во Охрид ќе има рекордна исполнетост на сместувачките капацитети и дека во моментов „се бара кревет повеќе“.

– Исполнетоста на капацитетите, и во хотелите и во приватното сместување, е практично на максимум. Во пресрет на празниците, се бара кревет повеќе, што е показател дека интересот за Охрид е исклучително голем. За разлика од почетокот на летната сезона, кога исполнетоста не беше на посакуваното ниво, сега веќе се чувствува поголема туристичка раздвиженост. Градот е полн со посетители, плажите се исполнети, а рестораните и кафулињата работат со зголемен интензитет. Очекуваме да продолжи ова темпо најмалку до 15 или 20 август – изјави Блажевски за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека, покрај домашните туристи, во Охрид престојуваат и голем број гости од Србија, Албанија, како и иселеници, кои традиционално го поминуваат летниот одмор во Македонија. Според него, зголемената посетеност за празникот Илинден во голема мера ќе го надомести послабиот старт на летната туристичка сезона и ќе придонесе за успешен туристички период во наредните недели.

Според Блажевски, на текот на туристичката сезона годинава значително влијаеле геополитичката неизвесност и воените случувања на Блискиот Исток, што се одразило не само врз македонскиот туризам туку и врз туризмот во соседните земји.

– Кризата и војната си го направија своето. Ова лето бележиме помал број туристи од Холандија и од Полска, кои традиционално беа меѓу позастапените странски гости во Охрид. Намалена е и посетеноста од Бугарија и од Грција, особено на гостите што вообичаено доаѓаат во текот на зимскиот период. Има туристи од Турција, но најчесто станува збор за организирани кружни тури, па тие се задржуваат многу кратко, најчесто само едно ноќевање – појаснува претседателот на ХОТАМ.

Осврнувајќи се на цените, Блажевски нагласува дека и покрај зголемените трошоци за храна, енергенси, горива и за други производи, хотелските цени годинава речиси и да не се променети во однос на лани.

– Не ги зголемивме цените затоа што сакаме да останеме конкурентни во однос на земјите од регионот, како Хрватска, Црна Гора и Грција, и да привлечеме што повеќе странски гости. Цените за ноќевање најчесто се движат од 50 до 100 евра, во зависност од категоријата на хотелот, локацијата и нивото на опременост. И натаму може да се најде хотелска соба и за околу 50 евра, односно по 25 евра по човек. На почетокот од сезоната, кога беше послаба посетеноста, многу хотели нудеа и дополнителни попусти – додава Блажевски.

И покрај предизвиците со кои почна летната сезона, туристичкиот сектор очекува празничниот бран гости да донесе силен импулс и да ја подобри вкупната слика за годинашното лето. Хотелиерите се надеваат дека ќе продолжи големата исполнетост и во првата половина на август, додека туристите очекуваат цените да останат разумни и достапни.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ