Со цвеќе на Спомен костурницата и со изложба: Во Гевгелија одбележани 80 години од победата над фашизмот

42

9 мај 1945 година, крајот на Втората светска војна и победата над најголемото зло-фашизмот свечено и достоинствено се одбележа во Гевгелија. Најнапред, претставници на Сојузот на борците и нивни продолжувачи од Гевгелија, предводени од претседателот Ангел Алчинов положија свежо цвеќе на Спомен костурницата во центарот на градот. При тоа, тој потсети на 95-те жртви што ги даде гевгелискиот крај во времето на револуционерниот отпор во борба со тогашниот фашистички окупатор и за нивната несебична вложеност, заедно со 24.000 жртви што ги даде македонскиот народ за изборената слобода пред осум децении наназад.

Потоа, НУ Музеј – Гевгелија, во Уметничката галерија „Амам“ организираше изложба „80 години победа над фашизмот“. Станува збор за поставка- изложување музејски предмети (експонати) од историската збирка на НУ Музеј – Гевгелија.

Посетителите  имаа можност да погледнат облека, оружје и муниција користени од борците од гевгелиско, како и фотографии од НОБ. За самата поставка  зборуваше кустос историчар Тања Трајковска, вработена во НУ Музеј- Гевгелија. При тоа, меѓу другото, таа истакна:

„На 9. Мај 1945 година завршува Втората светска војна која се карактеризира како најтешка и најзастрашувачка војна. Карактеристична е по оружјето кое е користено, по бројот на цивилни и воени жртви, над 50 милиони, по материјалните штети, холокаустот и употребата на атомските бомби врз двата града во Јапонија, Хирошима и Нагасаки.

Македонија ќе ја има истата судбина како и другите Европски држави. Но, со кревањето на антифашистичкото востание на 11. Октомври 1941, започна четиригодишната борба против германскиот, италијанскиот и бугарскиот фашистички окупатор.

Преку изложените фотографии и парчиња на оружје може да се проследи славниот борбен пат на првиот гевгелиски партизански одред „Сава Михајлов“, чии борци ќе влезат во Првиот батаљон „Страшо Пинџур“  со  што  борците тие имаат голема заслуга во придонесот на разгорување и проширување на НОБ низ повеќе краишта на Македонија“, потенцираше Трајковска.  (Љ.А.)

ИЗДВОЕНИ