Доколку сакаме да се справиме со уличната популација на кучиња, треба да се знае вкупниот број кучиња во државата, но и бројот на чипираните. Професорот на Факултетот за ветеринарна медицина, Влатко Илиески, нагласи дека сите сопственици на кучиња во државата мора да ги чипираат, но, како што наведе, за жал, во Македонија, 50 проценти од вкупниот број не се чипирани. Според него, примарна цел треба да ни биде вкупниот број кучиња, а градоначалниците на општините треба да го знаат вкупниот број кучиња на територијата на нивната општина. Директорката на прифатилиштето за бездомни животни „Думовец“ во Загреб, Татјана Зајец, се пофали дека работат 25 години и оти во моментов немаат кучиња на улица. Кај нив, како што рече, тоа се решава со чипирање на кучињата од страна на сопствениците, но и оние што ќе се видат дека оставаат куче на улици, плаќаат високи казни. Според директорот на „Лајка“, Војислав Димитровски, тие имаат одлична стратегија за справување со уличната популација на кучиња и веќе се на вистинскиот пат да се справат со него. Тој е оптимист и нагласи дека за 1,5 до две години, оваа проблематика ќе биде заборавена. Но, како што рече тоа треба да се прави на хуман начин, бидејќи и кучињата, како и луѓето, заслужуваат да живеат

 

Доколку сакаме да се справиме со уличната популација на кучиња, треба да се знае вкупниот број кучиња во државата, но и бројот на чипираните. Професорот на Факултетот за ветеринарна медицина, Влатко Илиески, нагласи дека сите сопственици на кучиња во државата мора да ги чипираат, но, како што наведе, за жал, во Македонија, 50 проценти од вкупниот број не се чипирани.

– Во Хрватска, сопствениците ги чипираат кучињата. Тој модел се применува и во Македонија уште од 2018 година, но проблемот е што тоа не се прави, но и во тоа што примарна цел треба да ни биде вкупниот број кучиња. Градоначалниците на општините треба да го знаат вкупниот број кучиња на територијата на нивната општина – дециден е Илиевски.

Според него, за справување со проблемот е потребно да се предвидат и повисоки казни во Законот за заштита и благосостојба на животните. Воедно, тој нагласи дека со новиот закон се предвидува и контрола на репродукцијата.

Пример за тоа како се справуваат со уличните кучиња даде и директорката на прифатилиштето за бездомни животни „Думовец“ во Загреб, Татјана Зајец.

Таа се пофали дека работат 25 години и оти во моментов немаат кучиња на улица. Кај нив, како што рече, тоа се решава со чипирање на кучињата од страна на сопствениците, но и оние што ќе бидат забележани дека оставаат куче на улици, плаќаат високи казни.

– Само годинава, во прифатилиштето примивме 400 кучиња кои беа тргнати од улица, а кои немаа микрочип. Во ЕУ чипирањето е задолжително. Граѓаните кај нас не ги оставаат милениците на улица затоа што системот брзо открива чие е кучето, а казните се исклучително високи. Сè тргнува од политичката волја, институциите да бидат вистински сервис на граѓаните за да бидат сите безбедни – вели Зајец.

Токму нови идеи, насоки, како да се даде сè од себе за да ги снема кучињата од улиците требаше да произлезат од панел-дискусијата на тема „Систем, закони и реалност: Справување со уличната популација на кучиња“, што во организација на јавното претпријатие „Лајка“ денеска се одржа во салата за седници на Советот на Град Скопје. На неа учествуваа елоквентни личности и професионалци од својата област, како домашни, така и од странство.

Според директорот на „Лајка“, Војислав Димитровски, тие имаат одлична стратегија за справување со уличната популација на кучиња и веќе се на вистинскиот пат да се справат со него.

Тој е оптимист и нагласи дека за 1,5 до две години, оваа проблематика ќе биде заборавена. Но, како што рече, тоа треба да се прави на хуман начин, бидејќи и кучињата, како и луѓето, заслужуваат да живеат.

– Но и граѓаните треба да се свртат кон себе, односно потребно е правилно да се однесуваме кон оваа популација. Токму тоа е целта на оваа панел-дискусија, да се зголеми свеста за тоа – изјави Војислав, нагласувајќи дека се работи на тоа да не се продуцираат нови легла.

Тој не одрече дека има глутници кучиња низ градот и наведе дека дел од нив се третираат, но како што рече, проблемот е во тоа што се носат нови од другите градови и тие, како што кажа, не се социјализирани.

– Набавивме и нова опрема за да ги заловуваме несоцијализираните кучиња – информираше Димитривски.

Тој додаде дека во април биле третирани 138 кучиња, а се планира до крајот на годината таа бројка да достигне до 200, а за таа цел, како што рече, ќе бидат вклучени сите расположливи ветеринарни друштва.

Но, како што наведе, Прифатилиштето на „Лајка“ има ограничен капацитет и токму затоа се оди кон тоа тие да се вдомуваат или привремено да се згрижуваат. Воедно, Војислав истакна и дека повеќе од 35 до 38 проценти од заловените кучиња се вдомени. Притоа, напомена дека треба да зголеми капацитетот на прифатилиштето и воедно упати апел до граѓаните да вдомуваат кучиња.

 (А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ