Најмладите, в понеделник, во Општина Ново Село, со своите родители ќе имаат можност да се качат на балон на топол воздух, кој ден претходно ќе лета од манастирот „Свети Ѓоргиј“ до стадионот кај спортската сала во Ново Село. Таму балонот ќе биде фиксиран со сајли, со кои ќе се дозволува подигање до дваесетина метри и панорамски преглед на општинскиот центар.
Предност ќе имаат учениците од општината со своите родители. Тие први ќе ја имаат привилегијата да бидат дел од овој едукативен авантуристички настан кој ќе биде бесплатен и отвора нова врата за развој на туризмот во Ново Село.
– Одлуката за овој проект беше донесена од страна на Советот. Ќе се реализира од страна на Здружението „Македонски авантуристички дисциплини“ – МАД од Скопје, кое ги има сите сертификати и дозволи за прелети и безбедно летање на балони со топол воздух од надлежните институции во земјава. Проектот ќе се реализира во две фази – информираа од Општина Ново Село.
Летање ќе нема доколку временските услови не го дозволат тоа.
Основните училишта од Општина Ново Село веќе објавија дека, в понеделник, ќе има воннаставни активности, односно едукативен час за и околу летањето со балон со топол воздух. За таа цел, и родителите на учениците се повикани да присуствуваат бидејќи без нив, учениците ќе немаат можност да прават панорамски преглед со балоно, кој ќе биде фиксиран со сајли на стадионот.
Како што кажа градоначалникот на Ново Село, Ѓорге Божинов, целта на овој проект е да се збогати понудата со нови туристички содржини во Општина Ново Село, која станува сè поатрактивна за гостите. Планот е во иднина на територијата на општината да се одржува фестивал со повеќе балони на топол воздух, кои ќе привлечат голем број туристи и посетители не само од земјава туку и од странство.












