Идејата за доброволна работа до 73 години ја разбранува јавноста, но сè уште нема одлука за задолжително продолжување на работниот век, затоа што ќе се почека што ќе покаже скенирањето на пензискиот систем од страна на ММФ и на Светската банка. Инаку, демографската слика веќе испраќа предупредувачки сигнали. Сè помалку работници ги финансираат пензиите на сè поголемиот број корисници, што го зголемува притисокот врз Фондот за ПИОМ. Анализите треба да покажат дали бара системот само корекции или длабоки структурни промени. Експертите од „Фајнанс тинк“ и од МАПАС бараат реформи што ќе го зачуваат балансот меѓу финансиската одржливост и сигурноста на пензионерите

Дупката во Фондот за ПИОМ, стареењето на населението и намалениот број осигуреници го отворија прашањето за иднината на пензискиот систем. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во образложението за ребалансот на буџетот за 2026 година, како една од можните идни опции за реформа на пензискиот систем, истакна дека се разгледува модел според кој граѓаните што ги исполнуваат условите за пензионирање би можеле доброволно да продолжат со работа до 73 години, доколку го дозволува тоа нивната здравствена состојба и личниот избор.

Не станува збор за задолжително продолжување на работниот век и во моментов нема одлука со која би била зголемена старосната граница. Не е подготвен ниту законски предлог што би ги обврзал граѓаните да работат до таа возраст.

Според важечките законски одредби, жените стекнуваат право на старосна пензија на 62 години, а мажите на 64 години, со најмалку 15 години пензиски стаж.

Инаку, во Македонија, во последните пет-шест децении се применува пензиски систем заснован на принципот на генерациска солидарност. Тоа е систем што се финансира тековно, што значи дека актуелно вработените осигуреници издвојуваат пензиски придонес од своите тековни примања, со кој се исплаќаат пензиите на актуелните пензионери. Меѓутоа, пензискиот систем подолг период се потпира на значителни трансфери од државниот буџет, бидејќи приходите од придонесите не се доволни за покривање на сите расходи за пензии, поради што сè погласни се размислувањата за реформа на пензискиот систем.

Владата чека анализи за пензиската реформа

Финансискиот совет уште пред две години препорача постепено изедначување и зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години и за мажите и за жените, оценувајќи дека ваквата реформа е неопходна за обезбедување поголема одржливост на пензискиот систем и за долгорочна стабилизација на јавните финансии.

Меѓународните финансиски институции во своите претходни анализи, исто така, посочуваа на потребата од подобра наплата на придонесите, поголема вработеност, ограничување на ад хок зголемувањата на пензиите и почитување на законските формули за нивно усогласување. Димитриеска-Кочоска истакна дека за одлука каков ќе биде пензискиот фонд во иднина, ќе се почека на анализата на Меѓународниот монетарен фонд и на Светската банка за состојбата во првиот и во вториот пензиски столб, висината на буџетските трансфери, бројот на вработени и на пензионери и влијанието на иселувањето и стареењето на населението. Премиерот Христијан Мицкоски деновиве порача дека вториот пензиски столб треба да биде една од клучните теми во најавите за реформи на пензискиот систем.

Демографските промени стануваат еден од најголемите предизвици за стабилноста на пензискиот систем, бидејќи растот на бројот на пензионери се одвива паралелно со намалувањето на бројот на активни осигуреници. Анализите покажуваат дека секоја година во пензискиот систем влегуваат од 1.500 до 1.700 нови пензионери, додека иселувањето на работоспособното население дополнително ја стеснува базата на граѓани што преку придонеси го финансираат Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Последните статистички податоци покажуваат дека во април годинава, во земјава биле регистрирани 348.512 корисници на пензија. Просечната месечна пензија изнесува околу 28.000 денари, додека највисоката пензија, во износ од приближно 94.000 денари, ја примаат осуммина корисници. Во моментов се евидентирани 556.294 осигуреници и 343.048 пензионери, што значи дека на еден пензионер му припаѓаат само 1,63 осигуреници. Овој сооднос бележи негативен тренд во споредба со 2023 година, кога на еден пензионер доаѓаа 1,70 осигуреници.

Петрески: Решението не е само повисока старосна граница

Од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ оценуваат дека е неопходна реформа на пензискиот систем, но предупредуваат дека секоја промена мора да биде донесена врз основа на темелна и сеопфатна анализа, а не врз краткорочни буџетски потреби. Економистката и извршна директорка на „Фајнанс тинк“, Благица Петрески, посочува дека нема дилема оти системот има потреба од реформа, но дека може да се утврди оптималното решение само преку анализа што ќе ги опфати сите аспекти на неговото функционирање.

– Пред која било реформа и пред заземање конечен став, мора да претходи темелна, сеопфатна анализа. Дека е неопходна реформа – нема дилема за тоа, но не може да се утврди кое е оптималното решение без процена што ги согледува сите димензии на системот истовремено – вели Петрески.

Според неа, одржливоста на пензискиот систем не може да се оценува низ една буџетска година, туку низ период од неколку децении, бидејќи станува збор за систем што е директно поврзан со демографските движења, состојбите на пазарот на трудот и со економскиот развој. Како клучен проблем таа го посочува демографскиот притисок, кој, според неа, веќе не е само проекција за иднината туку и реалност со која се соочува системот во моментов. Таа нагласува дека индексот на стареење ја надминал границата од 100 во 2021 година, што значи дека е поголем бројот на стари лица од бројот на деца, додека односот меѓу осигурениците и пензионерите во 2024 година паднал на околу 1,61.

Петрески нагласува дека се случува овој тренд и покрај значителното подобрување на пазарот на трудот во изминатиот период, при што невработеноста е намалена од над 36 проценти во 2000-тите години на под 12 проценти денес.

– Дури ни таквото подобрување не беше доволно да го задржи системот на здраво ниво – посочува Петрески.

Таа предупредува дека идните демографски проекции остануваат неповолни, бидејќи бројот на старо население во однос на работоспособното население продолжува да расте, а се очекува работоспособната популација значително да се намалува. Според неа, реформските чекори не треба да се одложуваат, бидејќи работниците што ќе се пензионираат во следните три-четири децении веќе се родени, а ефектите од евентуалното зголемување на наталитетот би се почувствувале дури по повеќе години.

Во однос на можните решенија, Петрески смета дека промената само на еден параметар, како старосната граница за пензионирање, формулата за усогласување на пензиите или висината на придонесите, нема да биде доволна за долгорочно стабилизирање на системот. Таа предупредува дека во таков случај товарот би се префрлил само врз една категорија: или врз пензионерите преку намалување на адекватноста на пензиите или врз работниците преку зголемени давачки.

Петрески смета дека е потребен поширок пакет мерки, кој ќе обезбеди подобра рамнотежа меѓу приходната и расходната страна на системот. Како една од мерките што може веднаш да се применат ја посочува доследната примена на законската формула за усогласување на пензиите, без дополнителни дискрециони зголемувања, кои трајно ја зголемуваат расходната страна на Фондот.

Паралелно со промените во параметрите на системот, според неа, неопходно е да се работи и на проширување на базата на осигуреници преку активирање на неактивното население и намалување на неформалната економија. Таа нагласува дека мора да се разгледува секоја реформа во хоризонт од најмалку 20 до 30 години, бидејќи пензискиот систем претставува меѓугенерациски договор.

Во однос на улогата на вториот пензиски столб, Петрески посочува дека средствата што се издвојуваат таму не треба да се гледаат само како тековен трошок за државниот буџет. Според неа, секој денар акумулиран на индивидуалните сметки во вториот столб претставува дел од идните пензиски обврски што државата однапред ги финансира. Таа предупредува дека евентуалното намалување или пренасочување на средствата кон вториот столб би донело краткорочно олеснување, но би ја зголемило идната обврска кон првиот столб и би создало дополнителен притисок врз системот.

МАПАС: Не брзајте со пензиските реформи

Од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) посочуваат дека секоја реформа на пензискиот систем мора да се темели врз детални анализи, стручни процени и долгорочни проекции, со цел да се обезбедат финансиска стабилност и сигурност за сегашните и за идните пензионери. Од МАПАС оценуваат дека прашањето за возраста за пензионирање е дел од пошироките јавни политики и претставува само еден од инструментите со кои може да се влијае врз одржливоста на пензискиот систем.

– Прашањето е во надлежност на законодавецот и на Владата и треба да се разгледува во поширок контекст, имајќи ги предвид сите релевантни показатели во пензискиот систем, како и демографските, економските и социјалните движења. Анализите што ги подготвуваат меѓународните финансиски институции може да претставуваат значајна стручна основа за согледување на предизвиците и на можните насоки за понатамошен развој на системот – велат од Агенцијата.

Оттаму нагласуваат дека евентуалните промени треба да бидат постепени, предвидливи и транспарентни, а нивното спроведување да биде проследено со широк институционален дијалог. Според МАПАС, само реформи засновани врз сеопфатни стручни и актуарски анализи може да обезбедат долгорочна стабилност на пензиското осигурување.

Во насока на унапредување на системот, институциите веќе работат преку повеќе работни групи, со учество на надлежните органи и со стручна поддршка од меѓународни експерти, вклучително и од Светската банка. Активностите се насочени кон воспоставување единствен регистар на осигуреници, подобрување на пензискиот систем, воведување повеќе инвестициски портфолија, односно мултифондови, како и унапредување на моделите за исплата на пензиите.

Од МАПАС посочуваат дека пензиските реформи се континуиран процес и дека не постои единствен модел што може да се примени во сите држави. Секој систем, според нив, мора да се приспособи на сопствените демографски, економски и социјални услови, состојбата на пазарот на трудот, развојот на финансискиот сектор и институционалните капацитети.

Во однос на трендот на продолжување на работниот век што се применува во дел од европските држави поради стареењето на населението и зголемениот животен век, од МАПАС велат дека секоја земја треба да ги земе предвид сопствените специфики, вклучително демографските показатели, здравствената состојба на населението, условите на пазарот на трудот и фискалните можности.

Од Агенцијата не сакаат во моментов да зборуваат за конкретни решенија поврзани со можноста за доброволно продолжување на работниот век по исполнување на условите за пензионирање. Според нив, за таквите предлози, потребно е прво да завршат анализите и да бидат презентирани официјалните препораки.

Повеќестолбниот пензиски систем, според МАПАС, останува значаен дел од долгорочното решение, бидејќи обезбедува дополнителен извор на пензиски приходи преку капитално финансираното пензиско осигурување и овозможува диверзификација на изворите за финансирање на идните пензии. Паралелно, тековните активности се насочени кон зголемување на ефикасноста на системот, подобрување на приносите на средствата на индивидуалните сметки, проширување на можностите за исплата на пензиите и обезбедување поголема адекватност на идните пензиски примања. Од МАПАС очекуваат дека овие унапредувања ќе придонесат за дополнително зајакнување на стабилноста, ефикасноста и долгорочната одржливост на капитално финансираното пензиско осигурување.

 (С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ