Повеќе од 60 рудари од рудникот „Трепча“ во Косово останаа заробени во средата вечерта по дефект на електричниот систем.
Лидерот на синдикатот на рударите, Ибрахим Јанузи, изјави дека 63 работници од втората смена останале заробени во првиот тунел.
„Поради дефект на електричниот систем, околу 60 до 63 рудари од втората смена се заробени“, изјави Јанузи за „КОХА“, додавајќи дека е во тек операција за нивно извлекување.
Министерката за економија на Косово, Артане Ризваноли, потврди дека рударите се во добра здравствена состојба.
„Рударите кои се наоѓаат во рудникот по дефектот на електричната опрема се во добра состојба. Тие се дел од втората смена, која завршува во 23 часот“, изјави Ризваноли.
Според неа, се организира постепена евакуација на рударите преку алтернативен излез за итни случаи. На местото на настанот се присутни полицијата и екипи на итната медицинска помош.
Беким Ибиши, командант на противпожарната служба во Косовска Митровица, изјави дека рударите се наоѓаат на длабочина од приближно 900 метри.
Ибиши потврди дека сите се во добра здравствена состојба и дека спасувачите одржуваат постојан контакт со нив. Сепак, поради големата длабочина, операцијата за извлекување се одвива бавно и бара посебна претпазливост.
„Во постојан контакт сме, тие се во добра состојба. Операцијата трае подолго бидејќи се на длабочина од 900 метри; сè мора да се направи внимателно и прецизно. Ќе излезат преку алтернативна рута. Се надеваме и веруваме дека операцијата за извлекување ќе заврши денес“, рече Ибиши.












