Од Македонија, во периодот од јануари до август, се извезени стоки во вредност од 5,739 милијарди евра, додека увозот од трговските партнери достигнал 8,154 милијарди евра. Трговскиот дефицит изнесува 2,42 милијарди евра. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во првите осум месеци од годинава извозот растел побрзо од увозот. Сепак, за секои 100 евра увезена стока, македонскиот извоз покрива само околу 70 евра. Покриеноста на увозот со извоз изнесува 70,4 %.
На годишно ниво, извозот во периодот јануари–август бележи раст од 8,7 %, додека увозот е зголемен за 7,9 %. Само во август, извозот достигнал 635,8 милиони евра, а увозот 954,5 милиони евра, со што е остварен трговски дефицит од приближно 319 милиони евра. За споредба, во периодот јануари–јули биле реализирани 5,103 милијарди евра извоз и 7,199 милијарди евра увоз.
Македонскиот извоз, главно, е поврзан со автомобилската и со хемиската индустрија. Меѓу најзначајните извозни производи се катализаторите со благородни метали, сетовите проводници за возила, авиони и за бродови, деловите за седишта, како и други видови катализатори. Кај увозот доминираат нафтените масла, платината и металите од платинската група, како и патничките автомобили.
Надворешнотрговската размена е висококонцентрирана и географски. Речиси половина од вкупната размена се остварува со само пет земји: Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија. Тие заедно учествуваат со 49,7 % во вкупната надворешнотрговска размена.












