среда, јули 8, 2026
Дома СКОПСКА Се бара нов газда на градските гробишта Бутел, Камник и Ѓорче Петров

Се бара нов газда на градските гробишта Бутел, Камник и Ѓорче Петров

1

Град Скопје објави конкурс за избор на управител на градските гробишта Бутел, Камник и Ѓорче Петров.

Од Град Скопје велат дека причината што распишуваат конкурс за избор на управител на градските гробишта на трите наведени локации е тоа што на досегашниот, акционерското друштво за погребни и придружни активности „Бутел“, му истекува концесијата.

Според градските власти, на конкурсот може да се јават само компании што имаат дозвола за управување со гробишта, издадена од Министерството за транспорт.

Како што наведуваат, досегашниот управител на градските гробишта Бутел, Камник и Ѓорче Петров поседува таква дозвола.   

Кон пријавата, правните лица што сакаат да учествуваат на конкурсот, кој е отворен до 14.7.2026 година, потребно е да ја достават дозволата за управување со гробишта во оригинал или копија заверена на нотар.

Рокот за доставување на пријавата за управување со гробишта изнесува осум дена, сметано од денот на објавување на конкурсот. Правните лица се должни да ги достават пријавите на следнава адреса: Град Скопје – градоначалник на Град Скопје (со назнака „за јавен конкурс за управување со гробишта“), булевар „Илинден“, број 8. Инаку, управителот на гробиштата се избира за времетраење од четири години.

Градските власти се надеваат на унапредување на услугите, особено на комуналните, и ќе го бараат тоа од идниот управител, бидејќи, како што велат, вечните почивалишта треба да изгледаат достоинствено.

Од АД „Бутел“ потврдија дека поседуваат дозвола за управување со гробишта од Министерството за транспорт и дека се работи за постапка што се спроведува на секои четири години.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ