Унгарската полиција уапси 30-годишен маж за кој истражителите велат дека собирал делови од тела од напуштени гробишта и од своето работно место во болница.
Националното истражно биро на Унгарија го уапси мажот во Будимпешта на 17 јуни откако доби информации дека складира делови од тела на работа и дома. Мажот е вработен како болнички помошник, соопшти полицијата денес, според Асошиејтед Прес.
За време на претресот на неговиот стан, истражителите запленија черепи, цела потколеница и рака, како и реконструкција на човечко лице направено од кожа на лице. Другите коски беа пронајдени складирани во куфер. Исто така, беше пронајдено срце во тегла, а полицијата се обидува да утврди дали е човечко или животинско.
„Страст за анатомија и патологија“
Според полицијата, мажот признал за време на испрашувањето дека собирал делови од тела и рекол дека бил особено привлечен од човечки остатоци, како и дека подготвувал храна од такви делови и ги консумирал. Тој е приведен под сомнение за нелегална употреба на човечки тела.
Полицијата во соопштението наведува дека станува збор за лице кое било „страсно за анатомија и патологија и сакало да дисецира животни“, и се сомнева дека тој набавил делови од телото преку својата работа во болница и со ексхумација на тела „во напуштени гробишта во Словачка и Унгарија“.
Запленети се и неговите компјутери, лаптопи, таблети, мобилни телефони и SIM картички и картички за податоци. Сите пронајдени делови од телото ќе бидат подложени на форензичка анализа, а полицијата додаде дека обемот на истрагата би можел да се прошири откако ќе се утврди потеклото на сите пронајдени остатоци.












