Фон дер Лајен изрази благодарност до Финска за нејзиниот придонес кон ставање крај на војната и ја истакна важноста на претстојните дискусии за проширувањето на ЕУ. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, најави испраќање дипломатски тим за следната рунда мировни преговори со Русија.
Европа планира да учествува во преговорите за решавање на конфликтот во Украина преку формат на „Европска одбранбена група од пет земји (E5) плус ЕУ“, изјави синоќа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по разговорите со финскиот претседател Александар Стуб.
„Вечерва, со Александар Стуб разговаравме за мировните преговори меѓу Украина и Русија. Европа активно ќе учествува во овој процес во рамките на E5 + ЕУ“, објави Урсула фон дер Лајен на својот профил на социјалната мрежа X.
Таа нагласи дека, во меѓувреме, ќе обезбедат максимална поддршка за Украина и ќе извршат максимален притисок врз Русија.
Фон дер Лајен исто така изрази благодарност до Финска за нејзините „неуморни напори да се стави крај на оваа брутална војна“.
„Разговаравме и за проширувањето, во пресрет на утрешниот Форум за проширување на ЕУ. Се согласуваме дека поголема и посилна Унија ќе создаде попросперитетна и понезависна Европа“, изјави синоќа претседателката на Европската комисија. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Косшта, претходно изјави дека Европа ќе испрати тим од дипломати – составен од претставници на Европската унија и пет поединечни држави – на следната рунда преговори во врска со Украина.
Како што појасни тој, Европа ќе биде претставена од претставници на Европската унија, како и од петте земји од „Коалицијата на подготвените“: Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Полска.












