Монетарната поставеност останува соодветна, а основната каматна стапка е задржана на 4,25 отсто. Народната банка располага со сите потребни инструменти за да реагира доколку условите го наложат тоа. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, посочувајќи дека Народната банка ги носи одлуките врз основа на сериозна анализа на макроекономските состојби, ценејќи ги, во секој случај, состојбите во неизвесното окружување.
Во однос на стабилноста на економијата и девизниот курс, гувернерот истакна дека девизните резерви достигнуваат околу 5,1 милијарда евра, што е приближно двојно повеќе од претпандемското ниво во 2019 година. Според него, резервите се значаен инструмент за одржување на стабилноста на номиналниот девизен курс, при што Народната банка интервенира на девизниот пазар со продажба или со откуп на девизи, зависно од состојбите на пазарот.
Растот на девизните резерви, како што посочи Славески, е поткрепен со поволните движења во екстерниот сектор, вклучително и извозот и увозот, странските директни инвестиции и портфолио-инвестициите.
– Не само што се надомести она што беше потрошено за интервенции туку и девизните резерви значително пораснаа – истакна гувернерот, додавајќи дека се важни ваквите тенденции за одржувањето на макроекономската стабилност.
Во однос на инфлацијата, последните податоци покажуваат умерени движења. Годишната инфлација во јули изнесуваше 2,3 отсто, а во август достигна 2,6 отсто. На месечно ниво, цените во август беа за 0,4 отсто повисоки во однос на јули.
Според Славески, августовските податоци покажуваат релативно ограничен пренос на турбуленциите поврзани со движењата на цените на енергенсите и на суровата нафта врз домашните цени.
Народната банка продолжува внимателно да ги следи економските движења, а доколку е потребно, може да реагира со инструментите што ѝ стојат на располагање. Покрај основната каматна стапка, меѓу нив се и мерките на макропрудентната политика, насочени кон одржување на стабилноста на банкарскиот сектор и соодветно управување со задолженоста на приватниот сектор.
Гувернерот се осврна и на економскиот раст, кој во вториот квартал достигна 4,3 отсто. Тој оцени дека е позитивно што македонската економија бележи солиден раст и во услови на голема неизвесност во светската економија.
Растот, како што посочи, пред сè е поттикнат од бруто-инвестициите, особено во инфраструктурата, но и од личната потрошувачка. На личната потрошувачка влијаат растот на расположливиот доход, платите и пензиите, како и зголеменото кредитирање на населението и бизнисите.
– Добро е што и во услови на голема неизвесност во светската економија, македонската економија бележи солиден раст – истакна Славески.












